Шпанските власти запленија 7 тони кокаин шверцуван со глисери

Шпанските власти запленија седум тони кокаин, соопшти полицијата денес, наведувајќи дека тоа е најголема заплена од ваков вид досега, јавува Анадолу.

Иако и претходно беа запленети поголеми количества дрога, ова е најголем „улов“ шверцуван во Јужна Шпанија со помош на глисери.

Полицијата ја извршила акцијата во раните утрински часови на 27 декември, кога во близина на вливот на реката Гвадалкивир открила два сомнителни глисерa. Користејќи воздушен, морски и копнен надзор, властите ги следеле чамците додека тие истоварале пакети со дрога што биле транспортирани до селски имот во провинцијата Севиља.

За време на рацијата на имотот, полицијата открила два подземни контејнера за складирање, направени специјално за криење и заштита на нелегалниот товар. Покрај седум тони кокаин, полицајците заплениле три огнени оружја, меѓу кои и пушка АК-47, како и две украдени возила.

Три лица се уапсени, а истрагата е во тек.

Полицијата вели дека оваа операција била значаен удар за мрежите за шверц на дрога што дејствуваат по должината на реката Гвадалкивир, која е клучна влезна точка за наркотици во Европа.

Шпанија е идентификувана како примарна точка за влез на кокаин во Европа во 2023 година, врз основа на обемот на запленета дрога, според анализата на „InSight Crime.“

 

извор: АНАДОЛИЈА