Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер оцени дека новата американска администрација е безобѕирна кон остатокот од светот. Таа „има поинаков светоглед од нас“, рече Штајнмајер: „(Светоглед) кој нема обѕир за воспоставените правила, за воспоставените партнерства и доверба.“ Зборувајќи на почетокот на безбедносната конференција во Минхен (МСЦ), која ќе трае до 16 февруари, шефот на германската држава предупреди: „Нередот не смее да стане модел за нов поредок на светот“.
Новата ориентација на политиката во Вашингтон, нагласи Штајнмајер, не може да се смени од страна на другите држави, и „тоа мора да го прифатиме, со тоа мора да се справуваме“. Но, германскиот претседател е уверен: „На меѓународната заедница не ѝ е во интерес овој светоглед да стане доминирачка парадигма.“
Тој истовремено ја критикуваше и „историски невидената концентрација на технолошка, финансиска и политичка моќ“ што моментално се создава во САД. „Искрено ви велам: како демократ, јас сум загрижен, многу загрижен, кога мала претприемничка елита има моќ, средства и волја да редефинира суштински дел од правилата на игра во либералните демократии.“
Особено е загрижувачки, потенцира Штајнмајер, „кога некои од оваа елита не го кријат својот презир кон институциите и нормите на нашата демократија“.
Тој ја предупреди американската влада од преземање самостојни потези: „Дури и најсилните, и САД, во 21 век се упатени на сојузници“, порача Штајнмајер.
slobodnaevropa.mk