Помеѓу конфронтациите со неговиот поранешен министер за финансии, минатата недела за време на неговиот на моменти лут говор во Бундестагот, канцеларот Олаф Шолц се обиде во исто време да испрати помирувачки тонови до опозицијата: „Мојот предлог, мојот апел до овој дом е: каде што имаме унифицирано мислење, ајде да се однесуваме единствено. Тоа би било добро за нашата земја“, рече Шолц пред Бундестагот . Веднаш потоа потсети на некои од многуте предлог-закони кои во моментов се заглавени во парламентот, а кои би сакал да ги протурка пред крајот на мандатот – меѓу нив заштитата на Уставниот суд, зголемувањето на детскиот додаток и намалувањето на даноци.
Зборовите на Шолц беа главно насочени кон опозицискиот блок од десниот центар, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ). Тие сега, по распаѓањето на коалицијата на Шолц со Либералите (ФДП) , ги држат клучевите на политичкото мнозинство во Бундестагот.
Фридрих Мерц, лидер на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ (и всушност сега канцелар во очекување), го предупреди шефот на германската влада дека неговата партија нема да биде „резервен играч за вашата распадната коалиција“. Сепак, како што забележуваат набљудувачите, постои простор за соработка меѓу страните. За еден или два од нацрт-законите, партијата на Мерц ќе треба да бидат заинтересирана за да бидат усвоени пред изборите во Бундестагот на 23 февруари 2025 година.
Ризици за ЦДУ
Еден закон, всушност, веќе беше усвоен во четвртокот, со поддршка од сите партии во Бундестагот, освен екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и социјалистичката Левица: закон со кој се регулира наследството на фармите. Но, тој е релативно мал и може да се покаже како исклучок, бидејќи соработката со Шолц претставува тактички ризик за ЦДУ во претстојната изборна кампања.
Урсула Минх, директор на независната Академија за политичко образование од Туцинг, верува дека во следните неколку недели ЦДУ ќе се обиде што помалку да соработува со малцинската влада на Шолцовите социјалдемократи (СПД) и Зелените .
„Дури и во однос на оние закони за кои ЦДУ би можела да смета дека вреди да се усвојат, таа секогаш ќе чувствува притисок да не го подобрува имиџот на Шолц на овој начин“, рече Минх за ДВ. Мерц, исто така, ќе биде свесен дека секоја таква соработка ќе го изложи на напади од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и популистичкиот Сојуз на Сара Вагенкнехт (BSW), кои не пропуштаат можност да ги претстават ЦДУ и СПД како неразделни делови од истиот мејнстрим „картел“ на политичките елити.
Загарантирано усвојување: заштита на Уставниот суд
Засега сигурно е дека еден од големите планови на Шолц сигурно ќе добие поддршка од ЦДУ/ЦСУ: оној за највисокиот суд во Германија.
Тој предлог-закон, во чие подготвување учествуваа пратениците на ЦДУ, ќе обезбеди дека бројот на судии (16), нивниот мандат (12 години) и нивната максимална возраст (68) ќе бидат фиксирани во германскиот устав. Истовремено, со посебен предлог закон се дефинираат алтернативни начини за избор на судии, доколку дојде до ќорсокак во германскиот парламент.
Тие закони ефективно ќе ја спречат АфД – или која било друга партија која ќе освои повеќе од една третина од местата во Бундестагот – да го блокира изборот на нови судии на Уставниот суд или да ги промени правилата што го дефинираат. Со оглед на тоа што АфД може значително да го зголеми бројот на членови во Бундестагот на изборите во февруари, се смета дека е од витално значење законот да биде усвоен сега.
Добри шанси: даночни олеснувања и поддршка за Украина
Но, за сè друго што Шолц планираше се потребни преговори – и ЦДУ/ЦСУ веќе рекоа дека ќе ги започнат тие разговори само откако Шолц ќе ја почне процедурата за нови избори и ќе изгуби на гласањето доверба на владата на 16 декември.
Поддршката на Германија за Украина засега е сигурна работа, бидејќи и СПД и ЦДУ и Зелените се согласуваат дека тоа е неопходно. Сепак, поранешната коалициска влада не успеа да го договори буџетот за 2025 година (затоа и се распадна), што значи дека уште не е договорена дополнителна поддршка за Украина – иако тоа не влијае на досегашните одлуки. Затоа Шолц се надева дека ЦДУ ќе се согласи побрзо да испрати повеќе пари во Украина, иако тоа се уште е предмет на дискусија.
Друг проект што би можел да добие поддршка од ЦДУ е изнаоѓање дополнителни пакети помош за поддршка на германската индустрија. Ова беше главна тема на говорот на Мерц во средата во Бундестагот, но и пред тоа на т.н. „самит на индустријата“ во октомври, на кој присуствуваше и Шолц, кога водечките индустриски здруженија се пожалија на високите трошоци за енергија во Германија. Шолц сака да наметне ограничувања на трошоците за енергија за индустријата, а Мерц би можел да биде подготвен да го стори тоа, но само ако оцени дека тоа е толку итно што не може да чека додека тој стане канцелар.
DW