„Комитите се дел од историјата на државата Македонија и тие се влезени во наставните програми. Комити биле и Македонци, и Албанци, и Турци, и други етникуми. Се бореле во Втората светска војна против заеднички непријател, а ние тие луѓе треба да ги чествуваме. Тие луѓе кои се бореле за слобода и за сопствена држава и за просперитет на сопствената држава“.
Вака министерката за образование Весна Јаневска одговори на реакцијата на ДУИ дека „не треба да се прави проблем од случајот со децата облечени во униформи на УЧК во училиштето во Челопек, исто како што не се правело проблем со децата во скопски Аеродром кои биле облечени во униформи на Комитите“.
Министерката рече дека восјката на УЧК и амблемите на УЧК за оваа држава не значат ништо.
– Во оваа држава, војната, конфликтот, кој како сака да го нарече, предизвика жртви на сите инволвирани страни. Сите мајки исто плачат, сите мајки исто жалат. Наместо да се потрудиме да го заборавиме тој конфликт, и да ги образуваме децата на она што јас го кажувам, ние малите деца ги учиме на воинственост, на држење оружје, на некакви позиции за стрелање, на нешто што не е поврзано со нашата историја. Ова е наша заедничка земја на сите граѓани кои живеат на оваа територија која се вика Македонија. Во оваа наша заедничка земја ние треба заеднички да ја градиме. Сите треба заеднички да чуваме одговорност кон неа, и љубов, и да имаме идеи за нејзин просперитет за да го подобриме животот на граѓаните. Младите се иднината на секоја земја. Кога ги образуваме децата, ние треба да ги образуваме на базичните човекови вредности, на недискриминација, на соживот, на разбирање, на емпатија. Најмалку што треба да има во училиштата е политика. Децата деца треба да растат во духот на патритоизмот, на традицијата, во почитувањето на вредностите – рече министерката.
На ова веднаш реагираше ДУИ:
Изјавите на министерката за образование Весна Јаневска претставуваат тешка навреда за Албанците во … Македонија и обид да се избрише сеќавањето и жртвите на албанскиот народ. Да се каже дека УЧК „не значи ништо за оваа држава“ е неприфатлив чин кој покажува недостиг на почит кон значаен дел од населението и е обид за негирање на придонесот на Албанците во оваа земја, велат во соопштение до јавноста од ДУИ.
„УЧК не е „ништо“ за Албанците – таа е симбол на жртвување за еднаквост, правда и достоинство. За Албанците, УЧК претставува борба за поправедно општество и за изградба на држава каде што секој граѓанин ќе биде еднаков. Секој обид за негирање на оваа историска вистина е чин на дискриминација што ги продлабочува меѓуетничките поделби и сериозно ја нарушува општествената хармонија.
Овој селективен и лицемерен пристап е неприфатлив. Да се величаат комитите, а да се омаловажува УЧК, е доказ за двојните стандарди и недостатокот на искреност од оваа влада.
Како може да градиме заедничко општество кога една министерка за образование, наместо да промовира вредности на еднаквост и меѓусебна почит, зборува со исклучувачки и навредлив јазик за еден дел од граѓаните на оваа земја? Дали ова е начинот на кој оваа влада има намера да промовира соживот и да гради заедничка иднина за сите?
Демократската унија за интеграција најостро го осудува овој пристап и бара министерката веднаш да ја повлече навредливата изјава и да се извини јавно. Исто така, бараме од оваа влада да рефлектира и да престане со користење на двојни стандарди кои ги продлабочуваат поделбите и ги зголемуваат меѓуетничките тензии.
УЧК за Албанците е историја, жртва и наша гордост. Секој што го потценува овој важен симбол треба да разбере дека не може да гради заедничка иднина со навредување и исклучување на целиот еден народ. Албанците секогаш придонесувале за оваа држава и никогаш нема да дозволат нивната историја да се сведе на „ништо“.
Веројатно оваа изјава е координирана со вашите коалициски марионети, Вреди“, се вели во соопштението на ДУИ.
denesen.mk