Јаневска: Одговорност за приредбата во Челопек ќе понесе една од наставничките

За приредбата во Основното училиште „7 Март“ во тетовско Челопек, каде ученици беа облечени во униформи на Ослободителната народна армија (ОНА) односно УЧК и со пушки во рацете, одговорност ќе понесе една од наставничките.

„Записникот од вонредниот надзор е готов, инспекторите утврдиле неправилности поради што одговорност ќе понесе една од наставничките која била организатор на приредбата“, изјави денеска (4 декември) министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Министерката најави дека директорот на училиштето и градоначалникот ќе бидат информирани за да постапат според закон.

Таа претходно најави дека слични пријави имало и за настани во други училишта во Чаир, Тетово и Струга и оти и таму ќе има контроли од Државниот просветен инспекторат.

„Но она што е поважно, според мене, е дека и во ова училиште и во неколку други училишта каде што имавме пријави за нерегуларности, каде што, чесно ќе кажам не се утврдени нерегуларности, но имало некаков револт, ќе спроведеме обука за соживот, мултукултурализам, мултиетничност, и за тоа ќе побараме поддршка и од ОБСЕ“, изјави Јаневска.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk