Јаневска: Одлуката за забрана за телефони на часовите ја носат општините

Општините се надлежни за училиштата и тие може да донесат одлука за забрана на мобилни телефони за време на наставата, изјави денеска (11 февруари) министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Според неа, кога кај учениците нема мобилни телефони, тие повеќе се фокусираат на знаењето.

„Но, училиштата се под ингеренции на општините и тие со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука“, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање дали МОН може да донесе општоважечка одлука откако родители бараа без телефони за време на часовите да бидат учениците во сите училишта, вклучително и во средните.

Јаневска посочи дека треба да се види дали дава резултати одземањето на телефоните од учениците и да се направи анализа.

„Но секако, во денешно време може да има и потреба од употреба на такви уреди и при наставата. Па оттука, наставникот, кој е носител на образовната дејност во училницата, ќе одлучи дали децата во тој момент ќе ги користат или нема да ги користат телефоните“, додаде ресорната министерка.

 

 

slobodnaevropa.mk