„Бугарија не поставува дополнителни услови за процесот и преговорите на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европа. Нема проблем со билатералните односи. Тие не се проблем земјата да не ги започне преговорите со ЕУ. Ова е тезата на нашите колеги од Северна Македонија“, е пораката којашто ја испрати потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, додека во посета на Софија престојува еврокомесарката за проширување Марта Кос.
„Според мене, оваа дебата се искривува и кај нас во Бугарија и на европската сцена. Има обид на нашите колеги од Северна Македонија да ги претстават нормалните барања на Бугарија – почитувањето на европските критериуми – како речиси каприц од наша страна, а дополнително се обидуваат да ги стават во билатерална блокада, што не е точно“, изјави Јотова.
Критики за проширувањето на ЕУ
Бугарските медиуми известуваат дека Јотова упатила критики за политиката на проширување на Европската Унија. На форумот „Европската унија се среќава со Балканот“ организиран од европратеникот Илхан Кучук, таа истакнала дека билатералните односи на Бугарија со Македонија не се проблем земјата да започне преговори со ЕУ.
Таа го критикувала и фактот што Европската Унија планира да го реши проблемот преку т. н. квалификувано мнозинство. „Не можам да се согласам со обидите за промена на едногласноста во одлучувањето, особено за прашањето за проширувањето“, вели Јотова. Според неа, не може да има компромиси со условите за проширување, а барањата за Северна Македонија се дел од преговарачкиот процес со ЕУ, а не со Бугарија.
Поддршка за европскиот пат
Еврокомесарката за проширување Марта Кос смета дека треба да се размислува надвор од временската рамка во време кога нема утврдени стандарди за проширување. Еврокомесарката уште еднаш потенцира дека проширувањето е приоритет на Европската Унија и не е само декларативно.
Еврокомесарката Марта Кос, која е во официјална посета на Бугарија, имаше средба и прес-конференција со премиерот на земјата, Росен Жељазков, на која беше афирмирана заложбата за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан.
„Бугарската позиција е јасна и конзистентна. Го поддржуваме европскиот пат на секоја земја од Западен Балкан, водени од принципите на индивидуален пристап и постигнатиот напредок. Денес, кога Европа се соочува со нови предизвици, воени конфликти, хибридни закани, миграциски притисок и енергетска несигурност, интеграцијата на Западен Балкан не е само можност, туку и одговорност од особено значење за Бугарија и бугарската влада“, рече бугарскиот премиер.
Само еден ден пред посетата на Софија, еврокомесарката за проширување во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) изјави дека никој не може да гарантира дека и по уставните измени нема да има пречки на патот на Северна Македонија кон ЕУ.
DW