Јужна Кореја е првата азиска земја која се приклучи на групата за киберодбрана на НАТО

Јужна Кореја денеска стана првата азиска земја која се приклучи на групата за киберодбрана на НАТО, соопшти Националната разузнавачка служба на земјата (NIS), пренесува Агенција Анадолија (АА).

„НИС е официјално примен во Кооперативниот центар за извонредност за киберодбрана (CCDCOE) со седиште во Талин, главниот град на Естонија“, објави „Јонхап њуз“.

По пристапувањето на Сеул, членството на групата порасна на 32, вклучувајќи 27 членки на НАТО.

Националната разузнавачка служба (НИС) ќе ја претставува Јужна Кореја во активностите на Центарот за обука и истражување.

„Планираме да ги зајакнеме нашите способности за киберодговор на глобално ниво со зголемување на бројот на нашиот персонал испратен во Центарот и проширување на опсегот на заедничка обука“, соопшти НИС.

НАТО го основа Кооперативниот центар за извонредност за киберодбрана во 2008 година како одговор на наводниот руски кибернапад кој сериозно ги оштети естонските државни мрежи.

извор: Агенција Анадолија (АА).