Љутков: Тоше, ти си вечен. Твојата светлина никогаш нема да згасне, а твојата музика секогаш ќе биде дел од нас

Oвој ден, 25 јануари, е ден на спомени и силни емоции, ден посветен на нашиот Тоше. Ќе остане да живее во нашите срца како голем човек, хуманист, заради музиката која извираше од неговата душа, а и поради мостовите меѓу луѓето кои со песна ги создаде.
Тоше Проески не беше само музичар; тој е симбол на љубов, надеж и единство. Неговите песни се светлост во темнината, инспирација и за новите генерации.
Денес, во неговото родно Крушево, го посетив семејство на Тоше и положив цвеќе на неговото вечно почивалиште. Во Спомен-домот подигнат во негова чест, уште еднаш се евоцираат сеќавања за неговиот живот и дело.
Како држава, ние сме посветени да ја негуваме и одржуваме почитта кон Тоше. Тоа е наша обврска и чест. Со одобрените средства од Владата за поддршка на проектите кои ќе го овековечат неговиот живот, ние потврдуваме дека Тоше Проески не е само минато, туку и иднина. Неговиот глас ќе продолжи да се слуша, неговата љубов да се шири, а неговиот спомен секогаш да живее.
Тоше, ти си вечен. Твојата светлина никогаш нема да згасне, а твојата музика секогаш ќе биде дел од нас.