Џафери го достави списокот со предлози за министри, утре во 11 часот почнува седницата за избор на нова Влада

Талат Џафери попладнево го достави до Собранието списокот со предлози за министри во неговиот кабинет во техничката Влада а спикерот Јован Митревски експресно за утре во 11 часот ја закажа седницата на Собранието каде ќе се гласа за изборот на новата Влада.

На списокот на Џафери има две нови имиња, министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, неколку дополнителни заменици и ротација на местото прв вицепремиер, објави mk.voanews.com.

Во техничката Влада со мандат од 100 дена прв вицепремиер, според договорот меѓу СДСМ и ДУИ ќе биде Бојан Маричиќ кој исто така останува и вицепремиер за европски прашања. На списокот се и двете имиња од опозицијата Панче Тошковски кој ќе биде на челото на МВР на местото на Оливер спасовски и Ѓоко Велковски кој ќе го води министeрствoто за труд и социјална политика наместо Јована Тренчевска. Останатите министри од претходниот кабинет кој го водеше Димитар Ковачевски ги задржуваат местата исто како и двајцата вицепремиери Фатмир Битиќи за економски прашања и Славица Грковска за добро владеење.

Кога станува збор за замениците министри и дополнителните заменици министри има неколку нови имиња и една ротација. На предлог на опозицијата дополнителен заменик – министер за финансии е Елена Петрова, за информатичко општество и администрација Стефан Андоновски, а Цветан Трипуновски за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од СДСМ пак предлози се Митко Бојмацалиев во МВР, се Викторија Аврамовска Мадиќ во Министерството за правда, Маја Манолева во Министерството за здравство, Александар Бајдески во Министерството за информатичко општество и администрација, Филип Николовски во Министерството за финансии и Мики Крстев во Министерството за локална самоуправа. Досегашната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска останува во министерството но како дополнителен заменик.

Џафери ја достави и програмата за работа на техничката Влада и приоритетите. Во извештајот на 12 страни е опишано што ќе преземе Владата а како врвен приоритет е наведено организирањето и спроведување на слободни, фер и демократски претседателски и парламентарни избори.

Она што е јасно е дека на утрешната седница на Собранието пратениците од опозицијата и од македонскиот и од албанскиот политички кампус нема да дадат поддршка и нема да гласаат за избор на Џафери за премиер на техничка Влада.

Од ВМРО – ДПМНЕ се децидни дека Џафери како претседател на Собранието го кршел Уставот.

„Тоа е човекот којшто од почеток до крај, како претседавач во македонскиот парламент, направил многу противуставни и противзаконски потези. Очекувам продолжување на лошите политики. Иако можеби некогаш сме биле едногласни дека од ова полошо нема, мислам дека тоа е песимистички став, треба да сме оптимисти, сепак очекувам дека во овие сто дена ќе биде полошо“, рече Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Поддршка нема да има и од коалиција која ја сочинуваат партиите „БЕСА“, „Алтернатива“ и „Демократско движење“ бидејќи нивен претставник сè уште не е избран во Државната изборна Комисија (ДИК) и поради тоа шестмината пратеници од коалицијата ја бојкотираат работата на Собранието.

Инаку, по оставката на Талат Џафери, Собранието вчера го изгласа Јован Митревски од СДСМ за нов претседател на Парламентот со 64 гласа „ЗА“. Техничката влада предводена од Џафери, ќе биде трета, по онаа на Емил Димитриев во 2016 и на Оливер Спасовски во 2020 година.

Првиот круг претседателски избори е закажан за 24 април додека вториот круг како и првиот круг од редовните парламентарни избори ќе се одржи на 8 мај.

извор: mk.voanews.com