Џеда – музеј под отворено небо каде што историјата се спојува со современиот живот

Улиците на саудискиот град Џеда, кои потсетуваат на музеј под отворено небо со историските џамии и традиционалните градби, се исполнети со динамиката на секојдневниот живот, јавува Анадолу.

Џеда, кој е прво пристаниште на Арапскиот Полуостров со излез на Црвеното Море, стекнал огромно значење за време на владеењето на третиот калиф Осман ибн Афан.

Се смета дека токму тогаш, во 647 година, градот добил статус на центар за муслиманските аџии што патувале кон светите места во Мека и Медина.

Денес Џеда е најголем град во покраината Мека и втор по големина во Саудиска Арабија по главниот град Ријад.

Сместен на западниот брег на Црвеното Море, овој град е комерцијален центар на земјата, каде што се спојуваат традицијата и современото.

Со векови тој бил порта за милиони аџии што пристигнувале во Саудиска Арабија, традиционално преку море, а во поново време и по воздушен пат.

Историските градби во Џеда, џамиите и тесните улички во стариот дел од градот, познат како Ал Балад, се сведоци на богатата историја што го обликувала овој културен центар.

Ал Балад е заштитен од УНЕСКО како дел од светското културно наследство, а со автентичните згради од корален камен и дрво претставува туристичка атракција што ги привлекува посетителите од целиот свет.

Џеда и понатаму ја задржува својата улога како важна порта за светот, овојпат не само за аџиите туку и за деловниот и туристичкиот сектор, како главна комерцијална и економска точка на Саудиска Арабија.