12 дена војна: Заклучоци од израелско – иранскиот конфликт

По 12 дена невидени директни непријателства, Израел и Иран се согласија на прекин на огнот што донесе напнат мир во регионот.

Војната, обележана со разорни воздушни напади, ракетни баражи и тајни операции, ги остави двете земји во неволја. Иако непосредните борби престанаа, политичките, воените и нуклеарните импликации од оваа кратка, но интензивна војна само што почнуваат да се одвиваат.

Двете земји побрзаа да прогласат успех, при што Израелците инсистираа дека ги постигнале своите цели, а Иранците тврдеа дека го „наметнале“ прекинот на огнот на својот непријател.

Сепак, зад официјалните изјави, аналитичарите предупредуваат дека прекинот на огнот е кревок, дека стратешката рамнотежа се променила и ризикот од обновен конфликт или опасна ескалација останува висок.

Добивките на Израел и критичен пропуст

Израелската влада објави дека „ги постигнала сите цели на операцијата, наведувајќи го наводното уништување на клучните ирански нуклеарни и ракетни локации, елиминацијата на високи воени лидери и воздушната супериорност над Техеран.

„Израел беше во можност доста ефикасно да ги погоди клучните воено-стратешки владини цели“, изјави за РСЕ/РЛ Фарзан Сабет, истражувач во Женевскиот постдипломски институт.

Тој рече дека конфликтот го истакнал обемот на израелската инфилтрација во безбедносниот апарат на Иран, додавајќи дека израелската разузнавачка агенција Мосад „во основа успеала да создаде легија дезертери кои веројатно биле еден од елементите во оваа војна што предизвикале најголема штета“.

Но, и покрај израелските и американските бомбардирања, нуклеарната програма на Иран, иако оштетена, не е целосно демонтирана – дел од капацитетот за збогатување и експертизата преживеале, а ризикот од таен ирански нуклеарен пробив останува.

 

 

 

slobodnaevropa.mk