Баклавата, светски познатиот десерт прелиен со шербет, несомнено е едно од најистакнатите ремек-дела на турската кујна. За време на вашата посета на Туркије, ова е едноставно десерт што мора да го пробате. Секој залак од овој десерт е неодоливо крцкав и сочен, известува Анадолу.
Се подготвува така што мелените ф’стаци, лешници или ореви се ставаат помеѓу 40 тенки слоеви кори, а потоа се пече и се прелива со шербет.
Доколку барате посебен повод да пробате турска баклава и да дознаете повеќе за нејзиното патување од царската кујна до денешните маси, денешниот ден, 17 ноември е најсоодветен, бидејќи тој е прогласен за Светски ден на баклавата!
– Царски десерт со свечена традиција
Подготовката на баклавата е усовршена во царските кујни на Отоманската империја, создавајќи раскошен десерт полн со софистицирани вкусови. Само највештите мајстори готвачи, специјално обучени за изработка на баклава, имале привилегија да ја подготвуваат, особено за време на прослави и церемонии.
Нивните вешти раце создавале совршена комбинација од тенки кори и густ шербет, правејќи ја баклавата вистинско ремек дело кое се пренесува со генерации. Благодарение на својата автентична арома и традиционалниот рецепт, баклавата остана омилен деликатес, било како десерт после ручекот или како знак за добредојде на гостите.
Дел од традицијата на турската култура е послужување баклава за време на посебни денови, како што се свадби и Бајрам.
– Газиантеп баклава – првиот заштитен вкус на Туркије
Повеќето ќе се согласат дека најдобрата баклава се прави во Газиантеп, во југоисточниот регион на Туркије. Во 2013 година, Европската комисија ѝ додели на баклавата Газиантеп статус на заштитено потекло, со што стана првиот турски производ регистриран на таа листа. Не е чудно што се препознава неговиот уникатен вкус, бидејќи овој град е познат како гастрономски рај со голема кулинарска традиција. Газиантеп своето меѓународно признание го доби претходно, кога беше вклучен во мрежата на креативни градови на УНЕСКО благодарение на неговата исклучителна гастрономска понуда.
Во Газиантеп, вештината на правење баклава, исто како и во османлиските дворови, се пренесувала од мајстор на чирак низ векови. Овој уникатен вкус може да се постигне само со вештина, внимание на деталите и прецизност. Мајсторите го развлекуваат тестото на 40 до 45 тенки кори кои ги полнат со локални ф’стаци и путер. Баклавата потоа се пече во фурни со дабово дрво. По печењето, баклавата се прелива со шербет.
Баклавата Газиантеп нуди вистинско доживување за сите сетила. Прво ве привлекува нејзината прекрасна златна боја, потоа слушате шумолење на крцкавите слоеви тесто, за потоа да ве обзема мирисот на свежите ф’стаци и путерот. Кога конечно ќе ја вкусите, ќе почувствувате нежен, но неодоливо богат вкус кој се топи додека ја јадете. Пријатно!
– Бројни варијации
Иако баклавата од Газиантеп е најпозната, баклавата како десерт во Туркије се издвојува по својата разновидност и неодолив вкусов во зависност од регионот во кој се подготвува. Она по што најмногу се разликуваат видовите баклава е филот меѓу корите, кој е различен секој регион од земјата и зависи од состојките кои се специфични за тој дел од Туркије. Баклавата Газиантеп се полни со ф’стаци, додека лешниците се користат во регионот на Црното Море. Баклавата исполнета со ореви е популарна во централна Анадолија, а во Тракија можете да уживате во баклава со бадеми или посипана со сусам.
Имињата на различните видови баклави често зависат од начинот на нивното сечење и користените состојки. Меѓу видовите баклави кои се разликуваат според начинот на сечење, постои баклава во облик на парче морков, баклава во облик на морска школка и баклава во форма на гнездо. Што се однесува до состојките, „сутлу нурије“ се прави со млеко наместо шербет, додека баклавите ф’стак сарма и орев сарма содржат повеќе јаткасти плодови од класичната баклава, додека куру баклава (сува баклава) се полева со помалку шербет и е повеќе крцкава.