Ограничување на маржите на над 100 групи на производи, одлуката ќе трае до крајот на април

Владата на денешната седница го задолжи Министерството за економија да донесе одлука за десетпроцентно ограничување на маржата во трговија на мало и десет проценти во трговија на големо на основните прехранбени производи. Станува збор за истите 73 групи производи кои претходно се најдоа во есенската и новогодишната кошница.

Ограничувањето на маржата сега ќе треба да ги опфати и средствата за хигиена како што се детергентите. Одлуката исто така, ќе се однесува и на бебешката храна, но и на други непрехранбени производи кај кои е забележана многу висока маржа, а истите се дел од основните потреби на граѓаните.

Портпаролката на Владата, Марија Митева на прес конференција попладнево рече дека очекуваат во ограничувањето да бидат вклучени над 100 групи на производи.

„Во моментот Министерството е задолжено да ја изработи оваа одлука. Откако ќе биде донесена на владина седница истата ќе стапи на сила и ќе важи до 30 април“, рече Митева.

Покрај ова, Владата им препорачува на сите маркети да започнат со транспарентно објавување на цените на сите производи и нивно редовно ажурирање на дневна основа.

„Ваквиот пристап кој има карактер на препорака, а не на ограничување ќе придонесе кон некое усогласување на самите цени на производите“, посочи Митева.

Таа додаде дека Владата дополнително го задолжила Министерството за економија и труд да организира итен работен состанок со сите надлежни институции како што се Државниот пазарен инспекторат, Министерствата за финансии и земјоделие, КЗК и други каде што ќе може да се разгледуваат и други предлози и мерки кои ќе имаат долгорочно решавање на оваа состојба.

Прашањето за ограничување на маржите се најде на владина седница откако Државниот пазарен инспекторат и Министерството за економија и труд изготвија извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени.

„Кај трговците на мало односно кај маркетите за основните прехранбени производи коишто се најобртни, тука се млеко, леб, зејтин и така натаму, имаме над 20 проценти маржа. Имаме над 30 проценти бруто профитна маржа кај основни непрехранбени производи, а тоа се средствата за лична хигиена“, рече Митева информирајќи за она што е утврдено од страна на инспекторите.

Таа најави дека до петок тие ќе направат дополнителна контрола кај производителите на млеко и млечни производи и месо и месни производи.

Прашана дали ова ќе значи дека нема да има рамазанска и велигденска кошница, Митева истакна дека новата одлука практично ќе ги вклучи и овие празници, но Министерството дополнително ќе разгледува дали надвор од ова ограничување од десет проценти ќе има потреба да се носат и некои дополнителни кошници како што беше случајот со есенската и новогодишната кошничка.

Во текот на изминатите две недели, граѓаните во два наврати ги бојкотираа големите трговски ланци поради високите цени на основните прехранбени производи. Тие се организираа преку социјалните мрежи, откако бојкотот за пазарење го почнаа граѓаните на Хрватска, а потоа продолжи и во другите земји од регионот.

Првата акција во земјава покажа дека прометот во осумте најголеми трговски ланци се намалил за речиси 50 проценти, а со вториот бојкот прометот бил паднат за 22,12 проценти.

 

извор:slobodnaevropa.mk