Шестмина загинати во расправија за рудник за злато во Боливија

 

Најмалку шест лица загинаа во тепачка меѓу рудари во Боливија, соопшти полицијата. Непознат број луѓе исто така се водат како исчезнати.

Две ривалски групи рудари се судрија за пристап до рудник за злато во близина на Сората, околу 150 километри северозападно од главниот град Ла Паз.

Група рудари употребиле динамит за да разнесат машини и резервоар за дизел во друг рударски камп во раните утрински часови. Експлозијата уништила неколку куќи и ја прекинала струјата.

Шест тела се извлечени од урнатините, а итните служби ја продолжуваат потрагата по исчезнатите лица.

Во Боливија, во рударскиот сектор работат три типа компании: државни компании, приватни компании и задруги. Последнава група е предмет на многу критики поради нелегалната експлоатација која е штетна за животната средина и поради постојаните конфликти со други задруги.

 

извор:НОС Холандија