Коментарите на интернет форумите на кои луѓе кои бараат виза за Германија не изгледаат многу мотивирачки. „Исклучително е тешко да се добие термин“, пишува еден студент од Мароко на платформата Редит. „Ужас!“ додава Трет кандидат нуди совет: Сè му се одвивало без проблеми кога испратил е-пошта до германската амбасада во која ја пофалил „прекрасната земја со богата култура, прекрасни пејсажи и топло гостопримство“.
Дали ваквите трикови навистина помагаат, не можеме да потврдиме, меѓутоа, никој не спори дека подобрувањата кога станува збор за визите – неопходни: дури и министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, често ги споменува корпите полни со документи кои се пренесуваат од едно биро. на друг во амбасадите, и дека чекањето за визи е девет месеци или подолго.
Затоа, според Бербок, вистинска „револуција“ е Министерството за надворешни работи да премине на дигитален процес од 2025 година. Дигитализацијата на визите се смета за еден од нејзините омилени проекти и неочекувано ќе стане една од последните реформи на оваа влада.
2,3 милиони барања годишно
Министерството годишно обработува просечно 2,3 милиони барања за виза. Дел од тие барања – кои бележат најголем раст – сега ќе бидат дигитализирани. „Бројот на апликации за национални визи за долг престој значително се зголеми“, вели Клеменс Коенен, специјален комесар за дигитализација на визи во Министерството за надворешни работи.
Годишно се разгледуваат речиси 500.000 барања, на пример за стручњаци, студенти или за спојување на семејството. „Нашата цел е да обработиме што повеќе од нив преку порталот за странски државјани“, објаснува Конен.
Порталот за странски државјани (Das Auslandsportal) е нова веб-локација поврзана со 167 германски канцеларии за визи ширум светот.
Најголем број барања во моментов доаѓаат од Турција, Индија и од Кина. Сепак, дури и малата канцеларија за визи во Рејкјавик, која обработува само десетина апликации месечно, е дел од системот. Амбасадите во кризните региони, како оние во Бејрут или во Техеран, често се зафатени со други проблеми.
Веб-страницата ги води корисниците на германски или англиски јазик преку прашалник: „Колку долго сакате да останете или „Кои професионални квалификации можете да ги докажете? Во најдоброто сценарио, корисниците на крајот пристигнуваат до соодветната апликација за виза и дознаваат какви документи сè уште им недостасуваат.
Трошоците за порталот изнесуваат 13,6 милиони евра
Во развојот на порталот од 2021 година досега се инвестирани вкупно 13,6 милиони евра. Целта е платформата да биде „интуитивна за употреба“, вели раководителката на проектот Катарина Боненфан. Недостигот на дополнителни јазици не се покажа како пречка за време на тестирањето: „Корисниците чиј мајчин јазик не е германски или англиски успешно ја користат функцијата за преведување во пребарувачот за сите неопходни чекори“, објаснува таа.
Досегашниот процес беше заснован на хартија, а тесно грло беа термините на шалтерите. Кандидатите често чекаа долго време на интервју во амбасадата, за таму да дознаат дека сè уште не е можна одлука.
Пред воведувањето на порталот за странски државјани, терминот во визната канцеларија траеше во просек околу 20 минути, вели Боненфан: „Сепак, често се поставуваа дополнителни прашања во врска со доставените документи, за кои беше потребно да се закаже нов термин“.
Со помош на порталот, подготовката за шалтерскиот термин ќе биде многу подобра. Тестирањата направени во Бразил и во Кина покажаа дека овој метод може значително да го намали времето поминато на лице место.
МНР: Порталот за странски државјани е безбеден
Пуштањето во употреба на порталот за странски државјани доаѓа среде изборна кампања, во која миграциските прашања играат значајна улога. Министерството за надворешни работи се обидува превентивно да ги отстрани можните критики за дигиталниот процес. Германското МНР, на пример, нагласува дека дигиталниот процес не е помалку безбеден од хартиениот. Добивањето германска виза „со неколку кликања“ е заблуда.
„Закажувањето на шалтерски термин и поднесувањето отпечатоци од прст сè уште ќе бидат задолжителни“, вели Катарина Боненфан. Исто така, оригиналните документи ќе бидат проверени заради „автентичност“. Во сомнителни случаи, дигиталниот процес може дури и да овозможи повеќе време за подетална проверка.
Сепак, од МНР потврдуваат дека веќе се забележани првите хакерски напади на порталот. Имало, имено, обиди од странство да се преоптовари страницата или „да се упадне во системот“, вели Боненфан „Такво нешто беше очекувано“. Вакви напади се очекуваат и во иднина, па затоа се воведени дополнителни нивоа на безбедност.
DW