25 години претседател Путин – прво пријател, сега непријател

Во август 1999 година Владимир Путин беше назначен за премиер на Руската Федерација. На преминот од 1999 кон 2000 година го наследи болниот претседател Борис Јелцин. Уште при преземањето на функцијата, Путин изјави дека Русија е и ќе остане велесила. Во Европа повеќе го сметаа за реформатор кој треба да ја реорганизира хаотичната Русија од дивите 1990-ти години.

Во јуни 2001 година, американскиот претседател Џорџ Буш по нивниот самит го нарече Путин „доверлив и директен“. Буш, претседател на водечката сила во НАТО, вели дека проѕрел во неговата душа.

Во септември 2001 година, Владимир Путин во обраќање во Бундестагот ѝ нуди на Европа безбедносно партнерство со Русија.Тој ја доведува во прашање улогата на водечката западна сила, САД. Шефот на Кремљ не исклучува идно членство на Русија во НАТО и ЕУ.

ЕУ и Русија договараат различни програми за поддршка и соработка и има стремежи за „стратешко партнерство“. НАТО отвора канцеларија во Москва, Русија претставништво во НАТО во Брисел. Специјалниот Совет НАТО-Русија дискутира за стратешки прашања и за претстојниот доброволен пристап на државите од Централна и Источна Европа во Алијансата.

Русија прави добар бизнис со Европа, како еден од главните снабдувачи со нафта и гас за ЕУ. Германскиот канцелар Герхард Шредер го нарекува Путин „беспрекорен демократ“ и покрај веќе познатото угнетување на опозицијата и слободата на печатот во Русија. По завршувањето на неговиот мандат како канцелар, Шредер доби профитабилни позиции во државните руски енергетски компании.

Пресвртот на Путин
Во 2006 година, на безбедносната конференција во Минхен, Владимир Путин иницира пресврт. Тој се жали дека Западот не ја прифаќа Русија како велесила. Тој го опишува проширувањето на НАТО како прекршување на дадениот збор и вели дека се игнорираат ветувањата на земјите од НАТО дека нема да се приближуваат кон руската граница. Меѓутоа во 1997 година Русија во договор со НАТО се согласи со проширувањето.

Се раскинуваат договори за разоружување. Русија остро ја критикува планираната антиракетна одбрана на САД. Владимир Путин е лут кога на Украина и Грузија на самитот на НАТО во април 2008 година им се ветува дека ќе се приклучат на Алијансата. Во август 2008 година Путин им ја демонстрира својата воена моќ на Европејците. Тој интервенира во конфликт во Грузија и по кратка војна ги става Јужна Осетија и Абхазија под руска контрола.

Во 2013 година, ЕК сè уште како долгорочна визија зборува за создавање со Путинова Русија на заеднички „економски и хуман простор“ од Лисабон до Владивосток – како долгорочна визија.

Војните на Путин
По протерувањето на прорускиот претседател од Украина во пролетта 2014 година и демократската Мајдан-револуција, рускиот претседател Путин ја напаѓа Украина. Тој спротивно на меѓународното право го анектира Кримскиот Полуостров и со проруските сепаратисти става делови од источна Украина под своја контрола. Западот реагира со први санкции и се обидува да посредува.

Канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд посредуваат за Договорот од Минск, кој има за цел да доведе до мир. Тоа никогаш не се случи, но „послужи за да ѝ се даде време на Украина да зајакне“, како што подоцна посочи канцеларката Меркел. Односите брзо се влошија, но увозот на руски енергенси продолжи. Според европската перцепција, Путин сѐ повеќе се претвора во автократски владетел. Во 2021 година, ЕУ зборува за „негативна спирала“ во меѓусебните односи.

Во март 2022 година, непосредно по големиот напад врз Украина од страна на руските сили, американскиот претседател Џо Бајден го оквалификува Путин како бескрупулозен „диктатор, воен злосторник, убиец“. Оттогаш НАТО ја смета Путинова Русија за „најголема закана за мирот во Европа“, таа е новиот стар непријател од Истокот. ЕУ воведува сеопфатни санкции кон Русија и се обидува што е можно побрзо да се ослободи од зависноста од руските испораки на нафта и гас. И две години по почетокот на војната, тоа сè уште не е целосно постигнато. Рускиот течен гас и натаму тече во Европа. Трговијата со Русија се намалува, но многу европски компании и натаму работат во Русија. Прехранбената, фармацевтската и хемиската индустрија не се засегнати од санкциите.

25 години по доаѓањето на Путин на власт, НАТО се подготвува за нова трка во вооружување. Спротивставувањето на руската агресија сега е главната задача на Алијансата.

 

 

 

DW