25 години Путин: Рускиот претседател си ја зацементира моќта

На 26 март 2000 година Владимир Путин беше по вторпат избран за претседател на Русија. Денес тој владее како диктатор. Како поранешниот офицер на КГБ континуирано ја зголемуваше својата моќ?

Замена на фотелји во Кремљ
Во тоа време во Русија, според уставните одредби, претседателот не можеше да има повеќе од два последователни мандати. Така, на изборите на 7 мај 2008 година дојде до замена на фотелјите. Неговиот близок соработник Дмитри Медведев, поранешен шеф на надзорниот одбор на Гаспром, стана претседател на Руската Федерација.

Еден ден подоцна, Думата, на предлог на Медведев, го избра Путин за премиер, со поддршка од 87,1 отсто во парламентот. Иако Медведев формално имаше најголема моќ, Путин ги влечеше конците зад сцената.

Отстранување на регионалната автономија
Рускиот политиколог Михаил Комин вели дека во изминатите 25 години Путин ја создал „најизразено персонализираната диктатура во светот“. Тој додава: „Русија, се разбира, не е Северна Кореја, земјата е преголема за тоа. Но, сѐ повеќе граѓани се доведуваат на линија на тој начин“.

Комин вели дека Путин од самиот почеток имал цел да ја преобликува демократијата во своја полза: „Денес, целата моќ на руската држава е концентрирана во рацете на една личност, во рацете на Путин“.

Комин потсетува дека сè започна со отстранување на „регионалната автономија“: „Една од најважните политички реформи во првиот мандат на Путин беше воведувањето на таканаречените претставници на претседателот во регионите“.

Нивната задача беше да ја контролираат регионалната политика. Така Кремљ имаше свој инструмент за контрола во регионите, и тоа беше основата за консолидирање на моќта. „Влијанието на Кремљ се одрази не само на гувернерите, туку и на нивната околина, вклучително и локални големи бизнисмени.“

Григориј Нишников, руски политиколог кој живее во Финска, размислува слично: „Ако се потсетиме на Русија во раниот период на владеењето на Путин, ќе се сетиме на неколку регионални центри на моќ, и конституционални и неформални, на пример во рацете на олигарсите. Сите тие беа еден вид противтежа на Кремљ“.

Нишников додава дека Путин го уништи сето тоа, го централизираше и го насочи рускиот систем на владеење кон себе.

Путин и Трамп – браќа по дух?
Во надворешната политика, повторно е евидентно зближувањето меѓу Вашингтон и Москва, кое започна за време на првиот мандат на американскиот претседател Доналд Трамп (2017-2021). Путин и Трамп првпат се сретнаа лично во јули 2018 година на самитот во Хелсинки.

Германскиот политиколог и историчар Хелмут Милер-Енбергс во интервју за Т-Онлајн изјави: „Трамп е најголемиот подарок за Путин во неговиот политички живот“.

Милер-Енбергс потсетува дека Путин во преговорите за Украина на Трамп му понудил „еден вид чоколаден мус – односно суровини, а со тоа и перспектива за исполнување на предизборното ветување“. Тој додава дека Путин, според меѓународното право, не располага со тие суровини.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, неодамна навести дека Путин и Трамп имаат добри односи и разговараат почесто отколку што во јавноста се претпоставува.

 

 

DW