29-годишниот Александар Гавриловски од Пробиштип е 61-та жртва од пожарот во кочанската дискотека

Александар Гавриловски (29), кој беше повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани која работела со фалсификувана лиценца и се лекуваше во Литванија починал денеска. Тој е 61-та жртва на трагичниот настан кој се случи на 16 март годинава, потврди денеска министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиумите.

Денеска почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија. Гавриловски беше во критична сосојба уште од почетокот. Од ГОБ „Наум Охридски“ беше упатен во Литванија. Од 4 април неговата состојба се влоши, од вчера беше на дијализа и за жал, денеска во 11 часот почина. Ова е втор пациент од 193 што се третираат во странство и во нашата држава кој почина, изјави Таравари.

Во странските медицински центри се лекуваат во моментов 66 пациенти, во Македонија 10. Остануваат уште двајца критични пациенти, кажа Таравари.

Александар имал 35 отсто изгореници од трет степен, имал изгореници и во дишните патишта и бил еден од потешко повредените, според Таравари.

Минатата недела почина и управителот на дискотеката Александар Карадаковски, кој исто така се лекуваше во Литванија.

Во пожарот во Кочани беа повредени околу 200 лица од кои дел беа пратени на лекување во странство.

Вкупниот број на осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички, три правни лица и против седум полициски службеници од СВР Штип и Полициската станица (ПС) Кочани кои давале позитивни мислења за неисправниот објект да добие дозвола од Министерството за економија. Во 30-дневен притвор се 31 осомничен, меѓу кои и тројца градоначалници на Кочани, како и групата од 7 инспектори и началници од СВР Штип и од ПС Кочани. Двајцата ексградоначалници на Кочани, Ратко Димитровски и Николчо Илијев се во куќен притвор, а актуелниот во оставка Љупчо Папазов е во затворски притвор.