Скопскиот кривичен суд му определи 30-дневен притвор на Анегл Сарамаков, полицаец од 6-тата Управа на МВР кој до вчера беше дел од обезбедувањето на премиерот Хрситијан Мицкоски, објави ТЕЛМА.
Сарамаков е осомничен за кривично дело „оддавање службена тајна“ од користољубие или заради користење на податоците во странство за што минимална затворска казна е 1 година, а нема предвиден максимум и може да се движи до 20 години затвор. Сарамаков беше уапсен во Велес заедно со уште едно лице и со ранец полн со полициски службени информации.
Тој беше дел од обезбедувањето на Мицкоски по промената на власта. Првичните информации се дека тајните полициски информации се продавани на припадници на криминалниот клан Грчец. По апсењето, од владата посочија дека истрагата треба да утврди што се случило и дека безбедноста на премиерот не е загрозена.
Од СДСМ обвинија дека обезбедувањето на премиерот Мицкоски е полно со криминалци, а од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека бодигардите на функционерите сега се апсат за кривични дела.