Партизанските единици во поранешна Југославија кои во текот на Втората светска војна се бореле за слобода против фашистичките окупатори често биле и со мешан национален состав на борците. Едноставно, тие биле одраз на националната структура на населението на подрачјата кадешто се формирале, но и потврда дека идејата за слобода и за самостојна држава е всадена кај граѓани од различна националност и различна вера.
Таков пример беше и Првата македонско-косовска народно-ослободителна бригада формирана пред 80 години, на денешен 11 ноември во 1943 година. Македонци, Албанци, Црногорци, Срби, Словенци… се најдоа во стројот од околу 800 борци во охридското село Сливово кога се формираше.
Пред командантот Петар Брајовиќ, пред неговиот заменик Чеде Филиповски – Даме, политичкиот комесар Мита Миљковиќ и за заменик политички комесар Вера Ацева, се најдоа борците од дотогашниот Баталјонот „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“ и Вториот косовски баталјон „Боро Вукмировиќ“.
Таа бригада веднаш тргнала во борбите против окупаторите. Следеле борбите против германските и балистичките единици на теренот на Кичево и против бугарските окупаторски единици на подрачјето на Крушево, Ресен и Охрид. Потоа, на почетокот на декември бригадата заедно со Главниот штаб и ЦК на КПМ ноќта меѓу 5 и 6 декември започнала марш преку планината Галичица и Албанија до слободната територија во Меглен, Егејска Македонија и каде во Герман, а на 10 декември во нејзиниот состав влегол и баталјонот „Стив Наумов“ како Петти баталјон.
Голема битка водела на 26 декември кога извршила напад на бугарската гранична посада „Турски рид“ и граничниот гарнизон во Мрежичко и кога во тричасовна борба биле убиени 27 непријателски војници, а 8 биле заробени. После оваа борба бригадата го продолжила патот низ Мариово, и во борбите до 31 декември биле ликвидирани посадите во селата Витолиште, Бегниште и Полчиште, а го освоила и рудникот Момирок во Витолиште. Потоа, во јануари 1944 година, со концентрирањето на единиците на НОВ и ПО Македонија на Кожуф, ЦК КПМ и ГШ за Македонија донеле одлука единиците да дејствуваат во три правци и со што ова Бригада тргнала во чувен и знаачен Февруарски поход во текот на кој поминала околу 300 километри.
skopskoeho.mk