Мицкоски: Убеден сум дека новата генерација политичари ќе го одбрани најмалиот народ на Балканот

0
293

Револуционерната идеологија има за задача да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои во денешно време се ставени под знак прашалник, беше истакнато на научниот симпозиум 129 години ВМРО „Борбата за Македонија која трае“, што денеска го организираше политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

На симпозиумот лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во своето обраќање денеска го честита 23 Октомври, и напомена дека 129 години од постоење на Организацијата е сериозна бројка за која многумина животот го дале, многумина животот го даваат, и многумина ќе го даваат во иднина.

-На новата генерација политичари во Македонија, новата генерација на политичари во ВМРО-ДПМНЕ е честа, обврска и привилегија да го брани најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ. И тоа можеби е голем предизвик, но јас сум убеден дека ние сите можеме да одговориме на тој предизвик, онака како што само знаееме и умееме – цврсто, храбро и мотивирано да го одбраниме најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ, рече Мицкоски.

Тој напомена дека одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ е да се задржат младите тука, да се направи здравство кое ќе биде конкурентно, да се задржат луѓето со знаење и вештини во државата.

-Македонскиот народ, но и граѓаните во Македонија, сите останати, не само Македонци туку и Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и останати кои денес живеат во Македонија сакаат да знаат што понатаму во иднината и каков план има ВМРО-ДПМНЕ, како наследник на организацијата, за иднината и што се чекорите кои ВМРО-ДПМНЕ ќе ги преземе за таа иднина, бидејќи денеска секој во Македонија очекува од ВМРО-ДПМНЕ државничко и одговорно однесување, без разлика што на централно ниво е ВМРО-ДПМНЕ е опозиција, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека иднината е она за која сите ние треба да се бориме, да обезбедиме иднина на поколенијата кои ќе дојдат после нас, а за тоа, како што рече, потребен е голем општествен договор.

Тој договор, како што рече, значи обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, различни структури на луѓе, кон младите, кон оние кои се во посериозни години, кај оние кои се во поодминати години, кај професорите, кај работниците, адвокатите, медицинските работници, кај сите оние кои во општетсвето се уште не го дале својот последен збор.

извор: ВМРО ДПМНЕ