Спасовски за Телма: За македонскиот јазик треба да разговараме секогаш, бидејќи нема систем, нема институција која ќе ни ја чува државата, треба ние самите, а вие, медиумите можете да помогнете

0
239

„За македонскиот јазик треба да разговараме секогаш, бидејќи нема систем, нема институција која ќе ни ја чува државата, треба ние самите, а вие, медиумите можете да помогнете во носењето на нашите решенија“, истакна министерот Спасовски одговарајќи на прашањето околу акцентирањето на македонскиот јазик на вчера потпишаниот Договор со ФРОНТЕКС во вечерашното интервју на ТВ Телма.

Осврнувајќи се на историјатот околу Договорот со ФРОНТЕКС, на кој еврокомесарката Илва Јохансон стави потпис, додека драфтот беше потпишан со тогашниот еврокомесар Аврамопулос во 2018 година во Брисел, но поради блокадата од Бугарија го чекаше новиот период, а промената на директивите бараше промена и на самиот текст од договорот кој повторно се испреговара, коментар поттикна денешната објава на министерот Спасовски на социјалните мрежи, како „прв министер кој одлучил да не се пофали себеси, туку да упати благодарност на тимот кој го испреговара Договорот“, со честитки за одлично завршената работа. На прашањето дали станува збор за промена во манирот, Спасовски со свое гледиште на работите:
„Ако сакаме да правиме реформи, реформите не подразбираат само легислатива – тие подразбираат и начин на однесување, начин на размислување, и јас сум секогаш во работењето да сме – НИЕ. Јас водам тим за било кој процес, кој го реализираме во МВР и не смееме да си дозволиме работите во државата да зависат од еден човек. Секогаш тоа е тим! Затоа постои Влада, затоа постојат министерства… Јас и на мојот Фејсбук статус, а и сега сакам да се заблагодарам токму на експертите и од МВР и од МНР и од други институции што учествуваа на експертско ниво“, додавајќи дека тимот ефикасно, во 2-3 рунди го заврши преговарањето и на новиот договор, кој уследи поради промената на регулативата и беше парафиран од државната секретарка Несторовска.

Во однос на потецирањето на македонскиот јазик, како одговор на полемиките за „скриени моменти во договорот“, министерот Спасовски дециден: „Каква полемика можат да водат политичките субјекти со македонскиот идентитет или македонскиот јазик?! Сметам дека со овие врвни национални интереси не треба да полемизираме таму кај што не им е местото“, додавајќи дека во поглед на транспарентноста, особено на шпекулациите на онаа структура во општествеото за која белото е црно и обратно, овој договор ќе биде ратификуван во македонското Собрание и објавен во „Службен весник“, со што ќе биде достапен до сите.
Во однос на новитетите што ги уредува новиот договор, покрај заштитата од миграција, од недозволена трговија и прекуграничен криминал, како пресликување на состојбите во европските држави каде што е ФРОНТЕКС, министерот Спасовски објасни дека полициските службеници ќе дејствуваат заедно со нашата полиција, притоа секој ќе носи свои ознаки, едните национални, другите на ЕУ, а наша огромна придобивка е одлуката на ЕК договори со ФРОНТЕКС да се склучуваат и со трети земји, бидејќи се увиде дека мора малку пошироко да се брани границата на ЕУ.

„Решението на проблемот со миграцијата не е само во спроведување на активностите што ги правиме. Ние се справуваме со последиците, а решението мора да се бара на изворот на проблемот. Затоа меѓународните организации треба да делуваат таму каде што настанал проблемот, за да не се прелее на оваа страна. Во 2015 и 2016 година 1,1 милин мигранти преминаа преку границата и тогаш секоја од државата се обидуваше да најде решение со сопствени стратегии. Но, со глобалните предизвици се покажа дека треба сите заедно да делуваме и затоа на интензитет добиваат регионалните и европските иницијативи во кои што заеднички одлучуваме да спроведеме политика. Во однос на статусот на полициските службеници морам да наглсам дека тие можат да бидат распределени на критични точки во државата само на барање на Република Северна Македонија и можат да дејствуваат заедно со нашите полициски службеници„, посочи Спасовски, посочувајќи ги придобивките од типот на размена на искуства од страна на полициски службеници од европски држави, размена на информации и податоци, создавање на балансот на зачувување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, како приоритет број еден, од една страна и зачувување на човековите права, од друга.

извор: МВР