Лула да Силва е новиот претседател на Бразил

0
228

Луис Инасио Лула да Силва е новиот претседател на Бразил, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во вториот круг од претседателските избори го победи екстремно десничарскиот актуелен претседател Жаир Болсонаро.

Лидерите на Латинска Америка му ја честитаа победата на Лула да Силва во вториот круг од претседателските избори во Бразил.

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор беше еден од првите лидери на Латинска Америка што му ја честиташе победата на Луло да Силва.

„Лула победи. Ќе има еднаквост и хуманизам“, напиша Лопез Обрадор на својот Твитер профил.

И аргентинскиот претседател Алберто Фернандез му честиташе на Лула, велејќи дека неговата „победа отвора нова ера за историјата на Латинска Америка“.

„Времето на надежта и иднината започнува денес. Овде имате партнер за работа и големи соништа, за добриот живот на нашиот народ“, рече Фернандез.

Според боливискиот претседател Луис Арсе, победата на Лула „ќе ја зајакне демократијата и интеграцијата во Латинска Америка“. Тој рече дека новиот бразилски претседател ќе ја води нацијата „по патот на мирот, напредокот и социјалната правда“.

Левичарскиот претседател на Колумбија Густаво Петро славеше со „Да живее Лула“.

Педро Кастиљо, кој положи заклетва како претседател на Перу во јули 2021 година, рече дека победата на Лула е „фундаментална за зајакнување на единството на Латинска Америка“.

Во првиот круг од изборите на 2 октомври, Лула да Силва беше прв по бројот на освоени гласови меѓу 11 кандидати со 48 отсто, Болсонаро беше втор со 43 отсто.

Тоа значеше дека и двајцата кандидати не го достигнаа прагот од 50 отсто неопходен за победа, што автоматски значеше одржување втор круг од изборите.

Лула, поранешен синдикален лидер, се кандидираше на претходните претседателски избори во 2018 година додека скандалот со корупција и перење пари не ги намали неговите политички аспирации. Откако беше осуден, тој беше испратен во затвор, а Болсонаро, поранешен армиски капетан, ја освои претседателската функција.

Лула беше ослободен од затвор во 2019 година, откако Врховниот суд ја укина пресудата против него. Ова му овозможи повторно да се кандидира за функција претседател.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).