Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по повод објавата за повлекување на избраните и именувани претставници на косовските Срби од косовските институции, вчера истакна дека Србија има за цел да го дестабилизира северниот дел на Косово, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Османи рече дека повлекувањето на министрите, пратениците и припадниците на српската заедница од Владата на Косово, Собранието на Косово и Полицијата на Косово претставува „чин против демократијата и владеењето на правото“, соопшти Претседателството на Косово.
„Ваквата ситуација е направена под притисок на власта од Белград. Таков пристап им создава сериозни проблеми на српските граѓани на северот од земјата, кои се чувствуваат загрозено со делувањето на нелегалните структури кои имаат за цел дестабилизација“, рече Османи.
Таа наведе дека институциите ќе ги преземат неопходните чекори за обезбедување непречено функционирање и јавна безбедност во секој дел од територијата на Косово во блиска соработка со меѓународните партнери.
„Примената на законот и редот не претставуваат закана за ниту еден граѓанин на Косово, без разлика на етничката припадност. Меѓутоа, воспоставувањето на редот и законот претставуваат ризик за нелегалните структури со кои Белград диктира, а кои имаат за цел дестабилизација на Косово и регионот. Денешната постапка на Србија претставува нејзино повлекување од Бриселскиот договор во врска со гаснењето на нејзините нелегални структури во Косово“, посочи Османи.
Претседателката на Косово оцени дека постапката што ја презела Србија „уште еднаш го докажува она што повеќепати го рековме, дека Србија е извор на дестабилизацијата на Косово и регионот поради нејзините територијални и хегемонистички аспирации. Меѓутоа, Србија нема да може да го смени мултиетничкиот карактер на институциите и да ја наруши безбедноста на Косово“.
Османи порача дека комуникацијата и соработката со косовските Срби ќе продолжи и институциите на Косово ќе обезбедат секој граѓанин на Косово, во секој дел од неговата територија, да ги добие неопходните услуги од институциите без каков било прекин.
Таа ги повика Србите на Косово да не наседнуваат на пропагандата на Србија, додавајќи дека Косово е посветено на мирот и стабилноста и останува позиционирано на својот евроатлантски пат.
„Постапките на институциите за еднаквост на сите пред законот се во согласност со највисоките стандарди и европските вредности. Иднината на Косово е во ЕУ и НАТО и никој нема да може да нè запре на тој пат. Но Белград е тој кој се обидува да дестабилизира и кој одржува блиски односи со Русија и е нејзино орудие во овој дел од Балканот“, наведе Османи.
Вчера претходно, сите пратеници на Српската листа во Собранието на Косово, министерот во Владата на Косово, градоначалниците во четири општини во северниот дел на Косово, како и претставниците на Србите во косовските судови и полицијата поднесоа оставки.
Како што е соопштено, оваа одлука останува на сила сè додека Приштина не ги повлече „едностраните и противправни одлуки“ за пререгистрација и промена на табличките на возилата и додека не се формира Заедницата на српски општини, што е во согласност со Првиот договор од Брисел и сите други договори кои се склучени во дијалогот.
Пред два дена регионалниот директор на Косовската полиција за северот соопшти дека припадниците на Косовската полиција од српската заедница на северот од Косово одбиваат да ја спроведуваат наредбата на Владата на Косово за казнување на граѓаните кои не ги пререгистрирале возилата со РКС-таблички, поради што е суспендиран од страна на в.д. директорот на Полицијата на Косово.
извор:Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).