Митева: Деспотовски пред да најавува нов концепт за привлекување на инвестиции треба да каже зошто Македонија нема стратегија и програма за странски директни инвестиции

Во Македонија последниве 5 години речиси и да нема политика за нови странски инвестиции, а уште помалку за грижа на веќе постоечките инвеститори. Недостасува стратегија за привлекување на инвестиции, никој не знае дали воопшто некој работи на оваа област. Македонија со години нема креатор за политика за странски директни инвестиции. Но и покрај ваквата состојба, слушаме најава за нови концепти, нови политики и како и секогаш истите се со огромни недостатоци и нереални замисли. Но, очигледно Јован Деспотовски наместо имплементатор, се става во функција на креатор, истакна портпаролот на ВМРО ДПМНЊ Марија Митева на денешната прес конференција.

Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:

Како директор на ТИРЗ Јован најавува некаков нов концепт за привлекување на инвестиции. Но тука се поставува прашањето како ќе дојде Македонија до нов концепт кога – нема закон за ТИРЗ, за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) или подзаконски акти, а тој промовира НОВ концепт? Дополнително, секој ваков „нов пристап” мора претходно да е предвиден со закон или најмалку со одлука на Влада, која треба да ја застапува ДТИРЗ.

Имено, дали ова значи дека претходниот концепт креиран од истата политичка гарнитура не бил добар? Дали Деспотовски со овој концепт се враќа на концептот применлив до 2017-та година? Зошто сите странски инвестиции добиваат индивидуална државна помош, а домашните добиваат според шема државна помош (ЗФПИ)? Каде е овде изедначувањето? Зошто и после повеќе од пет години од промена на политичката гарнитура се уште има само една македонска фирма во зоните, која инвестираше претходно?!

Согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции, во моментов се дава многу повеќе пари отколку претходно над 30% од вредноста на инвестицијата како CAPEX грант, плус за креирање на работни места. Остатокот до 50% се даночни ослободувања. Да потсетиме, претходно, тој процент беше не повеќе од 15% од вредноста на инвестицијата, а остатокот до 50% беа даночни ослободувања – каде практично државата немаше трошок бидејќи се откажуваше од нешто што воопшто не би го имала доколку ја немало инвестицијата. Истово ова е забележено и во извештајот на ДЗР каде исплатената кеш компонента во 2021 е скоро дупло повисока од износот во 2017-тата. Повеќето т.н. „нови инвестиции” се всушност проширување односно реинвестиции на претходните чие доаѓање беше тогаш критикувано дека е поради високи субвенции. Сега нивните, претходно планирани проширувања, се претставуваат како нови инвестиции и проекти, а се доделува и дополнителна државна помош.

Почитувани,

Заклучокот овде е дека со многу помалку државна помош но со повеќе ум, работа и труд претходно се реализираа повеќе реални нови инвестиции?! Исто така, во моментов имаме неусогласеност и на регулативата – давателите на државната помош немаат унифициран документ за тоа што претставува и се третира како оправдан инвестициски трошок? Имено, јавноста треба да знае дека ЗФПИ и регионалниот пристап не се нотифицирани пред Комисија за заштита на конкуренција (КЗК).

Зошто ова до сега не е реализирано, очекуваме да одговорат надлежните.

Јавно го прашуваме Деспотовски, која е стратегијата за привлекување на СДИ – кој точно привлекува НОВИ инвестиции, како и каде? Кои се приоритетни сектори и кој кадар има знаење и искуство во истите за да ги анализира и да ги избере таргетираните компании, а потоа да анимира извршни директори и менаџери на овие фирми? – кој, како и за колку пари ја промовира земјата како инвестициска локација? Дополнително, промоторите веќе ги нема, иако долг период зборуваат дека ќе има нов модел со помалку канцелари и вклученост на МНР.

Во однос на работата на Деспотовски, може јасно да се види од Ревизорскиот извештај во кој се нотира дека:

– Привлекувањето на странските инвеститори се уште е распределено во неколку државни органи иако неколку пати е најавуван one-stop shop кој уште не е дефиниран. Наместо тоа се спинува со т.н. нови пристапи за грижа на корисници. Што е позадината зад ова, дали има неусогласеност помеѓу институциите па не може да се договорат каде е тој центар?

– Исто така не е донесена стратегија за странски инвестиции – дали ова ја отежнува работата на ДТИРЗ или можеби и го олеснува работењето во недефинирани правила со можност за импровизација?

– Дирекцијата исто така нема донесена нова тригодишна инвестициона програма за период 2022 – 2024 година што практично е спротивно на Законот за ТИРЗ – дали ова не е доволен основ за разрешување на Директорот од страна на Владата?

– Исто така во 2021 година има 77 лица со договор на дело, а во 2017-та имало само 8 лица ангажирани со договори за дело – на што се должи ова десеткратно зголемување на привремено ангажирани лица во период од четири години, ако се знае дека бројот на оперативни зони од тогаш до денес не е променет?

Факт е дека во Македонија со СДСМ на власт имаме руинирани и неефикасни институции, без долгорочен план и стратегија и без конзистентна политика. Македонија од земја лидер за привлекување на странски директни инвестиции стана земја во која нема ниту план, ниту стратегија на оваа тема. Но уште поголем факт е дека покрај некадарноста, нема инвестиции затоа што со СДСМ на власт во Македонија владее криминалот и корупцијата.

Новинарско прашање: Како ВМРО-ДПМНЕ ја коментира најавата од министерот Османи дека Законот за здруженија кој беше практично изгласан во Собранието ќе оди на проверка во Венецијанската комисија за да се утврди дали имало спорни елементи?

Одговор: Очигледно е дека оваа власт не ги штити интересите на македонските граѓани и ваквите изјави на Османи се доказ дека власта практично е таа која ја прави поделбата во општеството. Но исто така добро е да го потсетиме Османи дека и други закони беа во спротивност со забелешките на Венецијанската комисија кој токму Османи и СДСМ не ги почитуваа.

извор: ВМРО ДПМНЕ