Град Скопје наместо да го исплати долгот, го раскина договорот со превозникот Макекспрес

Јавното Сообраќајно Претпријатие – ЈСП Скопје, денес го раскина договорот со приватниот превозник „МАКЕКСПРЕС“, а линиите на кои сообраќаа приватните автобуси, отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП Скопје со што транспортот на патници ќе продолжи непречено – стои во соопштението на Град Скопје.

Приватните превозници од „Макекспрес“ од понеделникот минатата недела не возат на предвидените линии, затоа што немаше никаква најава за средба со градоначалничката Данела Арсовска за намирување на заостанатиот долг кој Градот го има кон нив, објави Република .

Сопственикот на претпријaтието „Макекспрес“, Милорад Димитриевски, вели дека на 2 ноември им биле уплатени милион денари, што според него, е капка во морето, затоа што Градот им должи повеќе од 30 милиони денари.

– Ние во моментов не штрајкуваме, туку не сме во можност да го извршуваме превозот, бидејќи немаме средства за гориво и тоа е основниот проблем зошто возилата не излегуваат на улиците. Ние бараме средба со градоначалничката за да најдеме соодветно решение што ќе им одговара и на двете страни, а најмногу на патниците и конечно да се реши овој проблем – вели Димитриевски.

Од Град Скопје пак велат дека причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „МАКЕКСПРЕС“ е непочитување на обврските од договорот во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.

Со жалење мораме да констатираме дека „МАКЕКСПРЕС“ до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност без доцнење на автобуските постојки. Сите овие поплаки се истакнати од граѓаните, со што во целост се нарушува и имиџот на јавниот превоз во главниот град. Уште еднаш потенцираме, транспортот на патници на линиите кои досега ги сервисираше „МАКЕКСПРЕС“ ги превзема ЈСП Скопје со сопствени автобуси – додаваат од Град Скопје.

Се работи за автобусите од линиите 19, 20, 22, 53 и 54.

 

извор: Република 

фото: Република