Раководството на М-НАВ АД Скопје го прифати изборот на кандидати за обука за контролори на летање, предложен од Комисијата за избор и селекција и даде насоки за нивно вработување на определено време и упатување на школување. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) кој изрази сомнеж дека има планови за поништување на огласот бидејќи не биле избрани кандидати блиски на менаџментот и на функционери, најави дека ќе бара одговорност за случувања со кои сметаат дека се нарушил кредибилитетот на нивната професија.
УО на М-НАВ вчера соопшти дека донел одлука да ги упати на обука кандидатите и да го задолжи претседателот на Комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката. Истакнаа дека „во ниеден момент немало ниту размислување, а уште помалку преземање дејствија за прекинување или поништување на Огласот, како што било наведено во некои изјави и медиумски натписи, а единствено е точно дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти”.
Ве известуваме дека согласно доставената дополнителна документација на ден 10.11.2022 година, – Извештај со резултати од тестирањата со FEAST тестот во печатена форма од 13 кандидати кои успешно ги положија сите тестови спроведени од страна на GATE Aviation Training ApS, Данска и во соработка со комисијата на М-НАВ АД Скопје, а во врска со Огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање и вработување на определено време, објавен на 28.07.2022 година , Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од Комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката, информираа од М-НАВ.
Според М-НАВ, поради неточни и непроверени информации кои се пласирале во јавноста, се создаде погрешна слика за процесот околу огласот за прием на осум кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање.
slobodenpecat.mk