На само десетина километри од Тетово на надморска височина од 610 метри, распослан е сведок во кој е втемелена и цврсто испишана македонска историја. Сведок кој постојано потсетува на длабоките корени од македонизмот, македонското постоење, македонската писменост и култура, македонското битие кое ретко дека некој може да го побие. Тука почиваат факти, докази и темели на една испишана историја од поодамнина, докази за постоењето и творењето на еден од најпознаите македонски преродбеници од 19 век, Кирил Пејчинович. Творел тука и тука почиваат неговите мошти, во роднната нитка, каде ја распослал македонската култура.
Во комплексот се наоѓаат црквите „Св. Атанасиј“ и „Св. Богородица“, како и гробот и спомен собата на Кирил Пејчиновиќ кој е еден од најпознатите македонски преродбеници од XIX век.
Според старите записи, во Лешок и во околината имало 77 цркви и манастири. Сега, вниманието на посетителите најмногу го привлекува храмот „Пресвета Богородица“, изграден во 1326 година. Освен изгледот и историската вредност на храмот, тука особено внимание привлекува фреската „Страшниот суд“ и обликуваниот симбол со тули „Сонцето од Кутлеш“ кој се наоѓа над влезната врата. Вниманието на посетителите го привлекува и старата градба на „Св. Атанасиј“ лоцирана над селото, како и новата манастирска црква изградена во манастирскиот комплекс во дваесеттите години на минатиот век, која беше минирана и разрушена за време на воениот конфликт во 2001 година, а сега обновена и доведена во првобитната положба. Таа е обиколена со зеленило на манастирскиот двор. На источната страна од црквата се наоѓа ново подигнато вечно почивалиште на македонскиот просветител, преродбеник, деец и обновител на Манастирот, игуменот Кирил Пејчиновиќ.
Селото Лешок пред речиси една деценија имаше околу 170 семејства, но сега бројката се зголемува. Има доста луѓе кои се преселуваат во Лешок избегнувајќи ја градската врева, а го наоѓаат спокојот во селото, но и во Лешочкиот манастир, прекрасно катче не само за жителите од ова населено место, туку и за целиот Тетовски регион, па и цела Македонија. Во селото има доста тетовски, но и семејства од Скопје, кои градат викенд куќи, па за време на викендите особено на пролет се добива слика како целиот град да е дојден во Лешок и манастирот.
Но, обновата на манастирот продолжува и понатаму. Моментално се врши обнова на старите конаци, а во меѓувреме за многу краток период се изградени нови конаци од левата страна на манастирскиот двор.
Постоењето на манастирот може да се подели на два периоди, кои се поврзуваат и со двете места на постоење. Првиот е периодот од 1321 до 1600 година, кога манастирот се наоѓал на шарпланинската падина кај црквата „Свети Атанасиј“, и вториот период, започнат од 1600 година, па сè до денес, кој се однесува на денешната положба на манастирот, кај епископалниот храм на Успението на Пресвета Богородица.
Овој духовен и просветителски центар плени со целата своја распослана убавина во овој дел на Македонија. Претставува место каде посебно се црпи духовност, мир, преродба на телото но и потсетување на големината и значењето на македонската култура од памтивек, па се до денес.