Сани се преселува во Швајцарија, заедно со ќерките,во новиот брак

Сани Гроздановска , ќе се сели во Швајцарија. Таа наскоро заминува заедно со своите две ќерки Викторија и Ева, а за „Фокус“ ги открива деталите за оваа голема животна промена.

-Имаше доста пишувања и шпекулации периодов, вистината е дека се омажив во Швајцарија. Мојот избраник Никола Урдаревиќ е по потекло од Македонија, сега ја средуваме потребната документација и заедно со ќерките заминуваме кај него. Децата ми се многу среќни, го прифатија Никола- вели Сани, за која ова е трет брак.

Сепак, открива дека никогаш не ја изгубила вербата во љубовта и бракот како институција, и вели дека се радува на иднината.

-Јас сум од оние луѓе, кои и покрај се, веруваат во љубов. Нема да дозволам поради лошото минато, да не ми блеска иднината! Кога е мојата професија во прашање, од Никола имам огромна поддршка. Но, решив да направам мала пауза од настапи кога ќе пристигнам во Швајцарија. Потребен ми е одмор од се, а потоа продолжувам со засилено темпо – вели таа.

Раскажува дека Никола е одговорен човек, кој ја освоил со својот карактер и самодоверба, но најмногу поради тоа што бил добар татко и вистински маж.

-Никола има три деца на возраст од шест, 16 и 18 години. Сега сите заедно ќе живееме, значи заедно ќе се грижиме за пет деца. Тоа воопшто не не плаши, напротив, се радуваме, бидејќи и двајцата многу сакаме деца, сакаме полна куќа. Тој е нежен и позитивен човек, се однесува зрело, внимателно, а покрај тоа е и доста успешен. Јас пак сум човек кој гледа напред, енергична сум и сакам да изградам убави спомени во животот. Подготвена сум за иднината, заедно со личност која е остварена и која ми дава безрезервна поддршка – ни изјави Сани.

Таа се запознала со Никола за време на свој настап во Швајцарија, каде тој работел во хотелскиот сектор. На естрадата е присутна уште од рана младост. Доста млада стапи во брак, доби ќерка, се разведе, па потоа се омажи по втор пат и доби уште една ќерка. И вториот брак не траеше долго, а во интервју за „Фокус“ од пред девет месеци раскажа дека свикнала сама да се бори во животот.

fokus.mk