Ердоган: „Покажувањето со прст кон Русија за сомнителниот ракетен напад врз Полска ќе ги ескалира тензиите“

0
176

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја изрази потребата да се почитува изјавата на Русија за извештаите за ракетниот напад врз Полска и рече дека покажувањето со прст кон Русија дополнително ќе ги ескалира тензиите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на прес-конференција во рамките на Самитот Г-20 во Бали, Индонезија, Ердоган рече: „Треба да ја почитувам изјавата на Русија. Во овој поглед, важно е за нас [да споменеме] дека Русија вели: „Ова нема никаква врска со нас.“

Тој истакна дека покажувањето со прст кон Русија, откако ќе се дознае дека ракетата не е руско производство, дополнително ќе ги ескалира тензиите.

Изјавата на Ердоган дојде по јавувањата за ракетен напад врз Полска во кој загинаа две лица.

„Додека се трудиме да ги доведеме Русија и Украина околу иста маса, нема потреба да бараме трет учесник во оваа војна“, додаде Ердоган.

Во врска со Договорот за жито во Истанбул, Ердоган рече дека веднаш штом ќе се врати од Бали, ќе разговара со неговиот руски колега за продолжување на Договорот за жито за најмалку една година. „Ќе разговараме и за транспортот на ѓубриво и амонијак“, додаде тој.

Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина потпишаа договор на 22 јули во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.

Според ОН, од 1 август од Украина се извезени повеќе од 10 милиони тони жито.

Говорејќи за терористичкиот напад на улицата „Истиклал“ во Истанбул, Ердоган рече: „Оние кои ја поддржуваат терористичката организација под изговор дека се борат против ДЕАШ се, исто така, соучесници во секоја капка крвопролевање.“

Турскиот претседател повика на искрена поддршка од сите пријатели и сојузници за праведната борба на Туркије.

„Ние ќе продолжиме цврсто да ја спроведуваме нашата стратегија за елиминирање на терористичката закана од нејзиниот извор“, додаде тој.

Најмалку 6 лица загинаа, а 81 беа повредени во експлозијата на бомба, за која турската Влада потврди дека ја поставила терористичката организација ЈПГ/ПКК.

 

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).