Столтенберг: Туркије одигра клучна улога во продолжувањето на Договорот за коридорот за жито преку Црното Море

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес ја повтори важноста на договорот за коридорот за жито преку Црното Море, истакнувајќи дека Анкара и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одиграле клучна улога во неговото продолжување и во размената на затвореници меѓу Русија и Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на сесијата прашања и одговори на состанокот на Парламентарното собрание на НАТО во Мадрид, Столтенберг рече дека договорот за жито докажа колку е важен за глобалната обезбеденост со храна.

„…Ова е важно за цените на храната, особено за сиромашните земји во светот. Значи, договорот за жито се покажа исклучително важен и мора да се обезбеди негово продолжување“, рече тој.

Пофалувајќи ја Туркије за нејзините напори за договорот за жито, Столтенберг, исто така, ја посочи успешната размена на затвореници меѓу Москва и Киев што се реализира со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Исто така, договорот за размена на воени заробеници, чие постигнување Туркије и претседателот Ердоган го олеснија, е исто така многу поздравено од сојузниците“, додаде тој.

Во четвртокот, неколку дена пред неговото истекување, договорот за коридорот за жито потпишан во Истанбул во јули од страна на Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина беше продолжен за уште 120 дена, почнувајќи од 19 ноември.

Во врска со трипартитниот договор меѓу Туркије, Шведска и Финска за влезот на двете нордиски земји во НАТО, Столтенберг потсети дека сите сојузници го потпишале протоколот за пристап на нивните кандидатури за НАТО, и дека 28 сојузници од 30 членки досега ја ратификувале кандидатурата.

Пристапниот процес на Финска и Шведска продолжува многу брзо, нешто што никогаш досега не се има случено, посочи генералниот секретар на НАТО.

„Сега е време да ги видиме двете земји како членки на НАТО“, додаде Столтенберг.

Тој, исто така, укажа на безбедносната загриженост на Туркије и рече дека ниту еден друг сојузник на НАТО не претрпел повеќе терористички напади од Туркије.

Челникот на НАТО уште еднаш го осуди терористичкиот напад што минатата недела се случи на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а 81 беа повредени.

Столтенберг, исто така, ја нагласи важноста од продолжувањето на поддршката на Украина против Русија, велејќи дека сите се сведоци како Русија „ја користи енергијата како оружје“.

„Рускиот капацитет не треба да се потцени“, додаде тој.

„Го поздравуваме тоа што Кина досега не дала никаква воена поддршка на Русија“, рече Столтенберг, додавајќи дека тоа е важно бидејќи „никој не треба да ја поддржува Русија“.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).