ДКСК: Синот на Џафери положил правосуден пред да дипломира, но не можеме да докажеме затоа што Правда не ја чува документацијата

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на 75. седница одлучила дека не може да се отвори предмет за случајот со Барлет Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.

Барлет Џафери е син на собранискиот спикер Талат Џафери.

ДКСК утврдила дека Барлет се здобил со право да полага правосуден испит, иако не бил дипломиран на Универзитетот, меѓутоа немаат услови за да го докажат тоа.

– Од документацијата со која располагаме можеме да заклучиме дека кандидатот студиите со кои се стекнал со 300 кредити ги завршил по положувањето на правосудниот испит. Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето на 300 кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме тоа да го потврдиме, бидејќи документите во Министерство за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме. Единствено што можеме да потврдиме е дека лицето Барлет Џафери ги исполнил условите за на Академија, зашто имал положено правосуден испит. Но, не можеме да потврдиме како се стекнал со правото за правосуден испит – вели претседателката Билјана Ивановска.

Во врска со случајот со Барлет Џафери, кој го водеше Државната комисија за спречување на корупција, Министерството за правда информира дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството и е од трајна вредност, Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година.

Потписот за положен правосуден испит, како што е наведено во соопштението од Министерството за правда, го ставил министерот кој ја извршувал функцијата во 2015 година.

– Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, vе информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (Службен весник на РМ, бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда“, се вели во соопштението.

Во однос на рокот за чувањето на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата пропратна документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година.

„Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда, ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат“, се вели во соопштението.

 

фото: Архива