Во Кина се шират протестите што започнаа како знак на незадоволство поради строгите владини мерки воведени поради Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Шангај. И студентите протестираа на универзитетите во Пекинг и Нанџинг.
Најновите немири уследија по протестите во северозападниот град Урумчи. Луѓето излегоа на улиците бидејќи сметаат дека мерките за изолација довеле до пожар во еден станбен блок во кој загинаа десет лица.
Додека кинеските власти негираат дека смртните случаи се предизвикани поради ограничувањата за Ковид-19, официјалните претставници во Урумчи во петокот вечерта издадоа необично извинување и ветија дека ќе „воспостават ред“ со постепено укинување на ограничувањата.
Полицијата синоќа интервенираше во толпата, која се собра поради пожарот во Урумчи, во една улица во Шангај, најголемиот град во Кина.
На видеоснимките што се проширија на социјалните мрежи можеа да се видат околу 300 луѓе собрани на улица, како им оддаваат почит на жртвите од пожарот со палење свеќи на тротоарите и со извикување слогани во кои се критикува политиката против Ковид-19.
Полицијата интервенираше со солзавец, а дел од насобраните беа приведени.
Освен во Шангај, комеморации и протести за жртвите од пожарот се организирани и на бројни универзитетски кампуси во Кина. Стотици студенти се собраа во кампусот на комеморацијата на колеџот „Нансинг“ во покраината Џиангсу.
Пред три дена десет лица загинаа, а девет беа повредени во пожар за кој се верува дека избил поради дефект на електричната инсталација во станбената населба во округот Тианшан.
Граѓаните тврдат дека луѓето од објектот во којшто избувна пожарот поради карантинот не можеле да ги напуштат домовите, и дека пожарникарите не можеле да влезат во комплексот ограден со метални бариери и поради тоа не можеле навремено да интервенираат.
извор:Агенција Анадолија (АА).