Индонезија забрани вонбрачни сексуални односи, за прекршителите следува казна затвор

Индонезискиот парламент денеска го усвои новиот кривичен законик со кој се криминализираат сексуални односи надвор од брак. Пратеничкиот дом го одобри законот со акламација на пленарната седница и покрај критиките дека ќе ги загрози граѓанските слободи во државата со најголема муслиманска популација во светот.

Законот ќе стапи на сила во 2025 година, три години по донесувањето, објави DW.

„Го чекавме ова 79 години“, рече Едвард Омар Шариф, заменик на министерот за правосудство и човекови права, додавајќи оти стариоткривичен закон останал од холандското колонијално владеење.

Во понеделникот стотици Индонезијци се собраа во неколку градови, барајќи од парламентот да го отфрли предлог законот. Се очекуваат повеќе протести по неговото усвојување.

„Индонезија предлага да се тргне по пат на катастрофално кршење на правата со криминализирање на сексот надвор од брак“, напиша порано на Твитер Фил Робертсон, заменик началник на Хјуман Рајтс Воч за Азија.

Законот предвидува полните односи надвор од бракот да се казнуваат со затвор од една година, а паровите кои живеат заедно, а не се во брачна заедница би можеле да добијат 6 месеци затвор. Но, за да може полицијата да започне кривична истрага за тие дела, пријавата би требало да ја поднесе член на семејството, што е одредба која се смета за компромис за да се смират и конзервативците и либералите.

Сексуалните односи надвор од брак, вклучувајќи и хомосексуалност, во моментов не се кривични дела, но во конзервативна Индонезија се сметаат за табу тема. Тоа е забрането само во шеријатската покраина Аче, а престапниците би можеле да добијат до 100 удари со стап.

Предлог законот, исто така, предвидува казна од најмногу 3 години затвор за секој кој „ќе го нападне достоинството“ на претседателот или на потпретседателот.

Оние кои ја навредуваат владата би можеле да добијат до 18 месеци затвор или 3 години ако делото предизвика социјални немири.

Во меѓувреме, ширењето на лажни вести е казниво до 6 години затвор.

 

извор: DW.