Творецот на високоумни стихови, текстови, поуки, молитви, сентенции и мудрости, охридскиот светилник свети Климент Охридски останува запаметен во меморијата на нашите современици, особено во градот Охрид, каде што ја формира надалеку познатата Охридска книжевна школа.
Духовниот континуитет на мислите и остварувањата на човекот ги поврзуваат општествените редоследи низ времето. Не се раѓаат пробраните мислители секојдневно, но тие што ги прифаќаат далекугледо идеите над секојдневното битисување се среќаваат и физички, но повеќе и духовно. Тие како да се бараат и низ континуираниот текот на времето.
Така, на пример, нашиот мислител Блаже Конески бил пријатно изненаден кога сфатил дека во домот на кинескиот писател Лу Син на истакнато место привлекувале внимание расказите на Лаза К. Лазаревиќ, преведени на германски јазик. Конески е поттикнат да посочи уште еден пример, „Баладата“ на Бранко Миљковиќ е во тесна врска со охридските трубадури.
И тогаш се сфаќа суштината на стиховите од Евангелието од Матеј: „Ете, излезе сејач да сее; и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот; долетаа птици и ги исколваа. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока. Но, штом изгреа сонцето, тие се попарија, па како немаа корен, се исушија. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод, едно сто, друго шеесет и друго триесет“.
Безбројните охридски кандилца
И нашата средина останува активна во вечното паметење и славење на свети Климент Охридски. Творецот на високоумни стихови, текстови, поуки, молитви, сентенции и мудрости, охридскиот асветилник свети Климент Охридски останува запаметен во меморијата на нашите современици, особено во градот Охрид, каде што ја формира надалеку познатата Охридска книжевна школа. Не случајно во охридските домаќински куќи пред иконите на свети Климента горат безбројни кандилца. Не случајно, кога охридскиот високоумен автор Григор Прличев го носеле во затвор, охридските кандилца биле запалени со молитви од охриѓаните да им се врати жив и здрав писателот. Не случајно секој охриѓанец наизуст ги знае испеаните народни стихови за славата на свети Климента во Охрид: Охридски ноќен чувар/ Климент Охридски и денес се јавува/ во ноќните часови во Охрид./ Со фенер во раката,/ шета низ калдрмисаните улички,/ и го чува сонот на охриѓаните.
Семето посеано на здрава почва родило многуслоен богат плод, каков што се роди на охридско каменито земјиште Григор Прличев. Неговиот просветлен хоризонт го здогледа непреценливото дело на свети Климента, се најдоа и двајцата некаде во 19 век, повторно во Охрид, избраниот град од Климента за растот на Високото школо, наменето за својот род. Охридската легенда говори дека свети Климент го ослободил Прличева од затворот и го вратил да беседи пред охриѓаните. Охридскиот учител ги долови високите ведности од пораките на свети Климента и ги удостоил со свои високо вреднувани оценки. Ги запишувал наследените вредности, за да останат и за последователните генерации.
Моето задоволство беше навистина огромно кога д-р Консатнтин Робев, наш фамилијарен сват, ми ги предаде необјавените стихови од Григор Прличев со наслов „Охридски џган“, испишани ракописно на грчки јазик. Интересно е дека вљубениот поет во својот роден град Охрид во случајов мошне храбро ја покажува критичката острица кон градот и охриѓаните, но како патриот непомирлив со одредени ситуации кои ги согледува реално и загрижено, не заборавајќи да истакне во неа: „Јас сум сепак оној беден пријател на вистината/ И потоа непријател бескомпромисен на измамата и лошотијата,/ Се пресметувам со сè во светот и со глупостите,? А состојбата на бедниот Охрид ја оплакувам“.
При својот непомирлив став со состојбите во Охрид, на крајот ја истакнува сентенцата напишана од Платон: „Од мајката и од таткото и од сите други предци повредна е Татковината“.
Очевидно, израснат во сиромаштија, жалејќи ја својата мајка под тешките испрани килими на чорбаџиите, ја согледува и состојбата на татковината, која ја сака истовремено како свој дом.
Прличев и Климент
Во случајов просторот не ни дозволува да го проследиме развојниот пат на писателот, од раното детство кога на тригодишна возраст го добил од својот дедо првиот буквар на грчки јазик, до неговото основно и натамошно образование, кога го совладал грчкиот јазик како голем лингвист, со што се докажал со признанието „Втор Хомер“ во Атина, на конкурсот на кој не се знаело потеклото на учесниците, па до негирањето на грчкиот и на бугарскиот јазик, застапувајќи се за еден своевиден некодифициран словенски јазик, секако, сакајќи да се приближи кон неодамнешниот црковнословенски јазик, како последица од развојот на старословенскиот јазик, што го применува свети Климент со глаголско писмо во Охрид, во разновидните словенски средини.
Пред крајот од својот живот почнал да го преведува „Сердарот“ на свој јазик, со влијание од црковнословенскиот. Деталното проследување на развојниот Прличев пат би ги расветлило и дилемите околу нашиот идентитет и македонскиот јазик во разновидноста на влијанија и настани во 19 век.
Колку длабоко навлегол Прличев во делото и словата на свети Климента говори сличноста на две слова, едното Климентово, другото Прличево. Климентовото поучително слово гласи: „Поука кон епископите и поповите“, и се нагласува: „На епископите и на попот му прилега да ги поучува и да ги упатува луѓето што му се доверени. А тој самиот прв се оттргнува од секакво зло, како што наредува Павле, уше повеќе Христос…“ Во Прличевото слово е нагласено: „Послушајте пастири, оти вам ви се упатени овие зборови! Послушајте сите што го држите словото божјо. Послушајте го гласот на старешината на пастирите на великиот Христос, којшто рекол: Добриот пастир душата си ја дава за овците- а тој што е наемник, а не пастир, овците не се негови, па ако догледа волк како иде, ќе ги остави овците и ќе избега…“
Колку Прличев ја сфатил пораката станува очевидно, но применета во поновите услови. Очевидна е врската помеѓу двајца писатели, автори на дела во знаменитиот Охрид, иако ги делат девет векови. Очевидно е дека десеттата глава од Евангелието од Јована била добро совладана и од двајцата автори и во низата наредни векови. Еве како само преку една нишка од далечната вековна традиција се доловува дослухот на трајните вредности, кои ниту вековите не ги попречуваат. Еве зошто свети Климент Охридски е присутен во нашиот современ научен и културен живот, кој ја продолжува континуираната традиција на умствениот развој на натпросечните творци