„Досега со секоја преземена мерка соодветно одговоривме на секој предизвик, и во следниот период будно ќе ја следиме состојбата, навремено ќе носиме мерки за заштита на животниот стандард, за економијата“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски во денешното интервју за Медиумската информативна агенција – МИА.
Премиерот Ковачевски посочи дека Владата навремено донесе одлука со која на основните и средните јавни училишта, компаниите од прехранбената индустрија и јавните претпријатија од областа на водостопанството им се овозможува да можат да склучат договор со ЕСМ Продажба и да имаат поевтина струја.
„Со оваа одлука, кај некои од пекарите веќе е регистрирано намалување на бел леб, исто така има намалување на цените на млекото кај дел од млекарниците. Треба да се има во предвид дека одредени маркети имаат залихи од претходно и тие се по стари цени. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители од пекарската, од млечната и од месната индустрија, кое што намалување очекуваме да биде до 10%“ рече премиерот Ковачевски.
„Досега според податоците од ЕСМ Продажба, 187 компании од прехранбената индустрија имаат склучено договор за субвенционирана струја. Премиерот Ковачевски посочи дека прехранбените фирми кои не поднеле документи, можат да се пријават до 20 декември за субвенционирано снабдување од 1 јануари 2023 година.
Ова се само дел од сите мерки што досега ги преземавме, а кои се во насока на ублажување на последиците од кризата, на високите инфлаторни стапки, кое не се изолиран случај само кај нас, целиот свет се соочува со висока инфлација како резултат на воената агресија на Русија во Украина, што доведе до пораст на цените на енергенсите, храната и цените на суровините“, рече премиерот Ковачевски во интервјуто за МИА.
Извор: МИА