Германската Влада објави дека во земјата има 263.000 бездомници

Според новообјавените владини статистики, во Германија има повеќе од 260.000 бездомници, јавува Агенција Анадолија (АА).

Според првиот извештај на сојузното Министерство за труд и социјални работи за состојбата со бездомниците, заклучно со 31 јануари 2022 година, имало 263.000 луѓе кои немале постојан дом.

Бездомниците во извештајот се поделени во три категории: оние кои се згрижени во сместувачки капацитети, тајно бездомни кои престојуваат кај пријатели или познаници, и лица кои живеат на улица.

Извештајот откри дека 63 отсто од бездомниците се мажи, а 35 отсто жени, додека просечната возраст на бездомните лица е 44 години.

Две третини од бездомниците имаат германско државјанство, а повеќе од половина од испитаниците рекле дека страдаат од хронични болести или инвалидитет, додека една четвртина рекле дека имаат зависност од дрога или алкохол.

Извештајот на Министерството за труд се задржува на социо-структурните карактеристики на трите групи и на стратегиите за борба против бездомништвото со цел нивно елиминирање до 2030 година. Извештајот за плановите за борба против проблемот ќе биде претставен следната година.

Од друга страна, берлинската група за застапување на правата на бездомниците, Сојузната асоцијација за помош на бездомници (BAG W), побара поголеми гаранции за домувањето, поголема заштита од присилно иселување, подобра контрола на киријата и полесни начини за оние кои немаат фиксна адреса да можат да добијат соодветна здравствена заштита.

Активистите истакнуваат дека големиот недостиг на слободни станови и вртоглавото зголемување на кириите го отежнуваат наоѓањето и одржувањето на стабилните услови за живот.

Германија има голем сектор со ниски примања и студиите покажаа дека нееднаквоста во примањата се зголемува бидејќи поголем дел од платите мора да одат за кирија.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).