Над 450 милиони евра се предвидени за финансирање и развој на образованието и науката во 2023 година. Тоа е за 8,4% повеќе во однос на средствата што ќе се потрошат до крајот на тековната година. Со тоа, потврдуваме дека и во услови на економска и енергетска криза во подем, како и се’ уште активна здравствена криза, образованието е високопозиционирано во агендата на Владата и одлучни сме да се посветиме на неговиот развој, наместо на обезбедување само оптимална функција на националниот образовен систем.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната прес-конференција во Владата, на која беше презентиран и образложен буџетот на Министерството за образование и наука за следната календарска година. Шаќири истака дека средствата се доволни за да продоложат промените за интегрирање на нашето образование во европскиот образовен простор.
„Ги опфаќаме сите аспекти низ кои и досега делувавме – образовна инфраструктура, наставни програми и учебници, мотивација на наставници преку раст на плати и континуирана обука, стипендии и субвенции за учениците и студентите да се заложуваат што повеќе во учењето и поддршка на високообразовните и научните установи“, потенцираше министерот.
Најголем дел од буџетот, посочи Шаќири, вообичаено се трансферира до единиците на локалните самоуправи, заради функционирање на основните и средните училишта. Вкупно 313 милиони евра ќе се префрлат на општините, што е зголемување од 12,1%, односно за 34 милиони евра во однос на блок дотациите кои ги исплаќаме годинава.
„Буџетот за плати во образованието ќе изнесува 68 милиони евра. Тој е за 9,2%, односно за 6 милиони евра поголем во однос на 2022. Ова зголемување се должи на порастот на платите по повеќе основи – усогласување со минималната плата која годинава беше зголемена за 2.800 денари, предвиденото ново зголемување на минималната плата во 2023 година, зголемувањето на платите по основ на примена на колективните договори во основното и средното образование, преговорите помеѓу МОН и СОНК преку кои се постигна согласност за покачување од 15%, како и поради зголемувањето на платите во високото образование согласно потпишаниот колективен договор“, рече Шаќири, додавајќи дека ставката за плати е зголемена и поради намерата за подигнување на инклузивноста на образовниот систем, за што е предвидено ангажирање на дополнителен број на образовни асистенти за учениците со попреченост во основните училишта.
Инвестициите во образовната инфраструктура ќе продолжат со зголемен интензитет. Шаќири рече дека за оваа намена во 2023та, предвидени 18,3 милиони евра, што е за 8,9% повеќе средства од годинава.
„Ќе посочам неколку покрупни проекти – ќе отпочне изградба на објект за потребите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, а ќе продолжи и изградбата на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во Скопје. Ќе се гради нов објект за кумановската гимназија „Сами Фрашери“. Ќе започнат активностите за целосна реконструкција на сите 9 државни студентски домови и во рок од 30тина месеци треба да станат современи и енергетски ефикасни. Во меѓувреме, продолжуваме со изградба и реконструкции на училишта. Веќе најавивме дека ќе започне реконструкцијата на 118 училишни објекти, каде фокус е ставен на изградба на тоалети за ученици со посебни потреби и поставување на пристапни рампи. Продолжува и реализацијата на проектот за изградба на 145 училишни спортски сали, преку кој во 2023 ќе започне изградбата на 10 нови спортски објекти“, информираше министерот.
За ученичкиот и студентскиот стандард ќе се одвојат 19,5 милиони евра. Тоа се средства за исплата на стипендии, вклучително и сите нови категории кои МОН ги воведува за прв пат оваа година, за партиципации за ученички и студентски домови, како и за други субвенции како што е субвенционираниот студентски оброк, кој до март ќе се исплаќа согласно досегашните услови, а потоа ќе се воведе ново системско решение кое ќе биде усогласено со претставниците на студентските организации.
„Третманот на учениците и студентите продолжува да биде искрен, партнерски и имаме намера младите целосно да ги поддржиме, да ја стимулираме нивната креативност, да ги поддржиме нивните идеи, да ги задоволиме нивните потреби за финансиска поддршка при учењето, а заради нивно задржување и остварување на личните потенцијали во својата земја“, нагласи Шаќири.
Во делот на науката, министерството ќе продолжи да ги обезбедува сите можности за научно – истражувачките работници кои и досега беа достапни. Министерот за образование и наука потенцираше дека ќе се обезбеди учество во европските и глобални иницијативи за поддршка на науката, како Хоризонт Европа и ЦЕПУС програмата, а во меѓувреме ќе се согледа ефектот од поддршката која годинава се даде за спроведува на научно – истражувачките проекти кои се од интерес на државата и граѓаните и за модернизација на лабораториските ресурси на високообразовните установи, по што, како што рече Шаќири, ќе се направат напори за обезбедување на повеќе средства за дополнителна стимулација на тоа што е ефективно.
Шаќири рече дека очекува сите проекции за наредната година и зацртани цели, да бидат остварени во рамки на предвидените рокови. Во меѓувреме, како што нагласи, МОН продолжува да работи економично, согласно насоките и препораките од Владата за заштеда на електрична енергија, без притоа да се наруши функционалноста.
„На овој начин, заштедуваме средства во државниот буџет, со што, ќе се создаде и простор за иницирање на нови мерки, проекти и активности со кои ќе се надградува квалитетот на образовниот систем и кои ќе бидат од полза на граѓаните“, додаде министерот.
извор: Влада