Градскиот трговски центар денес остана без електрична енергија поради неплатен долг кон ЕВН. Од ЕВН за МКД.мк потврдуваат дека како должник ГТЦ е исклучен од мрежата бидејќи има долг кон компанијата за потрошена, а неплатена струја. Наспротив ЕВН, директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски вели дека струја во ГТЦ има, и дека прекинот траел само половина час, но не поради долг, туку поради дефект на мрежата кој претходно им бил најавен од ЕВН.
-Точно е дека имаше прекин на електрична енергија во период од половина час, но тоа нема никаква врска со долг. Ни беше испратен и мејл од ЕВН со најава дека ќе нема струја поради дефект. ГТЦ на ЕВН му должи само една сметка која е околу 400 илјади денари, но тоа нема никаква врска со денешното исклучување – тврди за МКД.мк Трајчевски.
Но, од ЕВН велат поинаку, односно дека исклучувањето е поради долг за струја, но по постигнат договор електричната енергија е повторно вклучена.
-ГТЦ беше исклучен поради доспеан долг, меѓутоа истиот е повторно повторно приклучен по постигнат договор дека долгот ќе биде подмирен – одговорија од ЕВН и додаваат дека се работи за исклучување кое беше најавено за 15 декември за сите должници.
И неколкумина сопственици на дуќани во ГТЦ за МКД.мк потврдија дека се јавиле во ЕВН и добиле одговор дека исклучувањето на струјата е поради неплатен долг.
извор: МКД.мк