Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски го презентираа Предлог буџетот за 2023 година. Премиерот Ковачевски посочи дека со предложениот Буџет за транспорт и врски е развоен со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст, основа за понатамошен развој, што е особено важно во овие услови на најголема економско-енергетска криза.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Ви благодарам за присуството на денешната прес-конференција, на која што заедно со министерот Бочварски ќе го презентираме Предлог буџетот за 2023 на Министерството за транспорт и врски. Кога работевме на Предлог буџетот за транспорт и врски за 2023 година, ја проектиравме нашата визија за Република Северна Македонија поврзана со регионот, со Европа и со целиот свет.
За следната година за транспорт и врски имаме развоен буџет, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст, основа за понатамошен развој, што е особено важно во овие услови на најголема економско-енергетска криза во светот.
Предлог буџетот за Министерството за транспорт и врски за 2023 година изнесува околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година.
Буџетската каса е проектирана за реализација на крупни капитални проекти како што се:
-Изградба на автопатот на Коридор 8 и Коридор 10Д;
-Изградба на железница на Коридор 8;
– Изградба и санација на локални патишта во општините;
-Гасификација;
– Изградба и реконструкција на водоводни и канализациони мрежи;
-Субвенции за нови авиoлинии, како и подобрување на транспортот на граничните премини.
И во време на пандемија и сега во услови на најголемата светска економско–енергетска криза интензивно работиме на изградба и реконструкцијата на главните патни делници во земјата. Тоа е нашиот приоритет и во наредната 2023 година. Најголемиот дел од буџетската каса на транспорт и врски, за наредната година, односно 308 милиони евра се наменети за реализација на капиталните проекти, што е за 163% повеќе од оваа година.
Министерот Бочварски ќе ги презентира деталите, јас ќе се задржам на неколку клучни проекти.
Во 2023 година продолжува изградбата на автопатите на Коридорот 8, за што се предвидени 244 милиони евра. Регионалното поврзување и соработка е еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна важност за развојот на нашата економија. Очекуваме следната година да заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид и веќе во јануари 2024 година да можат граѓаните, сите ние да возиме по тој автопат. Активно продолжува изградбата на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка, третата лента на патот Паланка-Деве Баир. Во рамки на овој Коридор, наредната година треба да отпочне изградбата на автопатските делници Ќафасан-Струга-Требениште, Букојчани-Гостивар, Гостивар-Тетово и Коридорот 10Д Прилеп-Битола. Активно ќе се работи и на изградбата на експресниот пат Градско-Дреново, Дреново-Фариш, Скопје-Блаце прва фаза, Битола-Меџитилија и други автопатски делници за кои повеќе ќе зборува министерот.
Во рамки на Коридорот 8, со предлог Буџетот за транспорт и врски, 33 милиони евра се предвидени за изградба на железницата на овој Коридор. На крајот на месец октомври годинава го означивме почетокот на изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8 низ Северна Македонија – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка и активно изградбата продолжува следната 2023 година. Овој огромен проект отвора нови европски рути за железнички превоз, воспоставува регионално поврзување со пристаништата во Бургас и Варна во Бугарија и пристаништето Драч во Албанија што е од исклучителна важност за нашата економија, но и генерално за соработката на регионот во целина како и соработката на регионот со други региони во Европа.
Сите ние бевме сведоци на отпочнувањето на работите на новото пристаниште во Драч–Порто Романо каде што исто така врз основа на заклучоците од заедничката седница на двете Влади на Албанија и Северна Македонија, договорено е да има драј порт, односно суво пристаниште во Струга, до кое што транспортните средства ќе можат да доаѓаат токму по овој нов Коридор 8 којшто започнува со изградба идната година.
Инвестициите во модерна патна инфраструктура се важни и за граѓаните и за компаниите, но и за инвеститорите. Од една страна тие значат безбедно и модерно поврзување помеѓу градовите и селата, а од друга страна со ваквите инвестиции се отвораат нови, подобро платени работни места. Изминативе пет години, Владата изгради патишта во должина од околу 1.300 километри, значи двојно повеќе од претходните десет години, кога биле направени само околу 650 километри.
И наредната година продолжуваме со темпото на изградба и санација на локални патишта во општините, за што се предвидени над 6 милиони евра, со кои значително се подобруваат условите за живот.
Геостратешката ситуација, војната во Украина покажа дека е нерационално да се потпираме само на еден извор на енергија, што се случуваше со децении наназад. За нас како Влада, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградбата на дистрибутивни системи за природен гас е еден од приоритетите. Тука пред сé, ќе напоменам дека на последната владина седница неделава го утврдивме дополнетиот Предлог на Буџетот за 2023 година, со кој на предлог на Министерството за транспорт и врски ја усвоивме Информацијата за донесување Урбанистичкиот план за Интерконективниот гасовод Република Северна Македонија – Грција. Тоа ќе биде гасовод што го поврзува системот за пренос на гас на Северна Македонија со грчкиот Национален систем за пренос на природен гас во Неа Месимвриа.
Во новиот Предлог буџет се предвидени 1,7 милиони евра за спроведување на гасификацијата, односно за завршување на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар. Оваа година како што веќе ве информиравме заврши изградбата на магистралниот гасовод Неготино-Кавадарци-Прилеп-Битола со што комплетно од границата со Бугарија кај Жидилово до Битола има функционален гасовод кој веќе влегува во фаза на полнење со гас и тестирање.
Сите граѓани, во секоја општина заслужуваат подобри, модерни услови за живот, што подразбира и стабилно снабдување со вода за пиење, одводни канали, чиста животна средина. Околу 12,7 милиони евра се предвидени за изградба и реконструкција на водоводни и канализациони мрежи, за да ја зајакнеме мрежата и да го подобриме квалитетот на живеење за граѓаните.
Над еден милион евра за наредната година се предвидени за субвенции за авиолинии. На овој начин овозможуваме поврзување со дополнителни држави во Европа и во светот, а со тоа и нови, отворени можности за економски развој, унапредување на туризмот, запознавања и соработка помеѓу граѓаните и бизнис секторот од нашата држава и другите држави. Веќе е предвиден јавен повик за доделување финансиска поддршка за авиокомпании коишто ќе воведат нови авио дестинации за граѓаните, кој очекувам следната недела да биде објавен.
Влогот во инфраструктурата е траен влог во подобрување на условите за живот, растот на економијата, животниот стандард и тоа е наш приоритет. Граѓаните на Република Северна Македонија заслужуваат да живеат поврзани со Европа и според европски стандарди и оваа Влада тоа го овозможува преку јасниот евроинтеграциски процес, по којшто работиме заштитувајќи ги националните интереси.
На првата од оваа низа прес-конференции, јас посочив дека ми е јасно зошто постои недоверба за динамична реализација на инвестиции како овие за кои зборуваме денес. Но, повторно ќе кажам дека ова е мојот прв Буџет како премиер, каде што јас имам контрола врз имплементација и ќе дадам сѐ од себе и ќе инсистирам од овој Буџет да има резултати. Кога се има визија и со напорна работа, нема недостижна цел.“
извор: Влада