Пенов за МИА: Општините не ги користат ингеренциите што им ги дава Законот

Податоците укажуваат дека оваа година сите општини имаат зголемен трошоците и долгови во споредба со лани, вели министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во интервју за МИА, посочувајќи дека земјава е пониско децентрализирана од европските стандарди, при што имаме неискористеност и на овие ингеренции коишто законот им ги дава на општините.

Во однос на спорот со приватните автобуски превозници во Скопје, тој вели дека за Градот и за ЈСП еден милион евра не се голем проблем, но дека случувањата имаат политичка позадина позади која стои опозицијата.

– Според анализата направена заедно со УНДП за функционирањето на општините во оваа криза, во сите општини во земјава вкупните трошоци за енергија во периодот јануари-септември 2022 година споредени со истиот период минатата година се зголемени за една милијарда денари, а во споредба со вкупните приходи коишто изнесуваат околу 40 милијарди денари, тоа е голем трошок. Општините овој трошок го префрлиле во намалување на капиталните инвестиции и тоа уште повеќе ги зголемува трошоците. Згора на тоа, според анализата, со дополнителни 800 милиони денари општините ги зголемиле своите долгови и ги издигнале на ниво 4.2 милијарди денари, што во однос на 40 милијарди приходи е повеќе од 10 проценти, вели Пенов.

Според министерот Пенов, сето тоа говори за еден многу лош менаџерски однос, не само на градоначалниците, туку и на советите и управите во општините во моментов во земјава.

Во однос на проблемот со приватните автобуски превозници, министерот посочи дека еден милион евра не се голем проблем за Градот Скопје и за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје” и тоа не може да биде мотив за да се блокира Скопје и да се упропастат десетици милиони евра за трошоци на граѓаните за справување со последиците. Според него, како политичка позадина за случувањата на Градот Скопје со приватните превозници стои опозицијата.

– Јасно се оцртуваат контурите на опозицијата, само таа може да има интерес од еден ваков спор. Бидејќи одговорноста која тие ја презеле пред скопјани за водењето на Градот, за водењето на ЈСП, им бега од раце, не можат да го решат проблемот, и се извлекуваат во еден процес во кој ни прикажуваат дека Владата треба да се инволвира и таа да го решава проблемот, потенцира Пенов во одговор на прашањето, која е политичката позадина на протестите.

Тој потенцира дека земјава според бројките е пониско децентрализирина од европските стандарди, каде што повеќе од 10 проценти од буџетот, од бруто општествениот производ се одвива низ локалната самоуправа.

– Кај нас тоа е некаде околу пет – пет и пол отсто. Сега со овие промени во зголемувањето на учеството и на ДДВ-то и на персоналецот за општините, се стремиме да стигнеме до шест – шест и пол до 2025 година, што е ниско, вели Пенов.

Според него, не само малите општини, туку и најголемите, недоволно ги евидентираат имотите за да наплаќаат данок на имот и недоволно ги искористуваат инструментите да зафаќаат данок на имот, истакнувајќи дека комуналиите, особено во Скопје, се држат на ниско ниво, а со тоа се овозможува интензивна градба која им смета на граѓаните. Тој додава дека без проблем, без никого да загрози, општината или градот можат двојно, тројно да ги зголемат и економски да ги регулираат овие односи во својата општина, кои предизвикува една атмосфера на урбан хаос.

извор: МИА