Освен солидарност, ваквите акции не можат многу да сменат, вели сопругот на екс министерката Јанкуловска за апелите за нејзино ослободување

0
295

Според актуелните објави на граѓаните, Јанкуловска и покрај тоа што е жена и мајка на мало дете, се држела многу ,,помашки” од останатите обвинети, од кои дел побегнаа, а пак дел успешно се извлекуваат од обвиненијата.

Околу овие јавни апели и реакции, ,,Фокус” разговараше со Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на екс министерката, која беше спроведена во затворот ,,Идризово” на отслужување на затворската казна во септември 2020 година. Во тоа време, нивниот син Петар имаше две години.

-Добредојдени се реакциите на граѓаните, посебно бидејќи во изминатите години имаше само малциозни коментари за Гордана.
Сепак, освен солидарност, која секако ја цениме, ваквите акции не можат многу да сменат.
На Гордана и останува уште многу време до отслужувањето на казната, уште една година и девет месеци.
Секоја мајка може само да претпостави како се носи семејството со ситуацијата, посебно кога е мало дете во прашање. Се потпираме на најблиските- вели Илиевски.

Јанкуловска, за разлика од повеќето јавни функционери кои беа осудени на затворски казни, не се случи да се жали на лоши услови додека е во затвор, ниту пак имаше ситуации како со многумина од осудените, кои во многу наврати реагираа дека во затворот им е влошена здравствена состојба и бараа лекување надвор од установата.

Токму поради начинот на кој мирно ја прифати судската одлука за затворска казна, за неа периодов чести се коментарите дека иако е жена, многу помашки се носи со ситуацијата од останатите осудени.

-Да, таква е сликата, но што имаме ние од тоа? Соочени сме со садистички систем, прогон карактеристичен за тоталитарните режими, а општеството, со ретки исклучоци како сега, е немо и/или гледа сеир и се сити – вели тој.

Околу тоа што мерцедесот од случајот ,,Тенк” и покрај своевремените најави на Владата не е продаден, и се уште се користи (последен пат во него се возеше германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер за време на неговата посета во Македонија пред три недели), Илиевски вели е дегутантно да се зборува за тоа.

-Тоа е апсурд! Евтин изговор за нејзината политичка елиминација. Видете ги само кои се актерите кои учествуваа во таа правосудна фарса и се ќе ви биде јасно.
Но, тоа не е само срам за правосудните органи, туку за цело општество и за меѓународната заедница која водена од опортунизам даде легитимитет на прогонот за постигнување на ,,повисоки цели”.
И сега тие, без срам и перде се загрижени за ниската доверба во судството, а со своето (не) сторување создадоа монструм над кој изгубија контрола – ни изјави Илиевски.

 

фокус.мк