Ковачевски: Обновливите извори на енергија се иднината и основата на енергетската трансформација на Северна Македонија

Премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот Драган Анастасов денеска ја посетија фабриката ТабМак во Пробиштип која за сопствени потреби има инсталирано една од поголемите фотонапонски централи во Република Северна Македонија. Со над 15 илјади панели на 10 хектари и дополнителни 6.000 на кровната површина на погонот, оваа компанија во време на енергетска криза покрива 25 % од потребите за електрична енергија за производството.

Во продолжение е целата изјава на премиерот Ковачевски:

„Огромна е честа и задоволството што денеска овде во Пробиштип имав можност да ја посетам фотонапонската централа во сопственост на компанијата ТабМак. Ова не е прва моја посета на компанијата, но денес за првпат имав можност да ја видам централата која е една од поголемите во државата со инсталирани над 15 илјади панели и моќност од 8,4 мегавати. Истовремено, оваа компанија располага и со околу 6.000 панели инсталирани на кровните површини на фабриката.

Таб Мак е компанија која ги следи и ги имплементира најновите производствени технологии и стандарди со кои ја збогатуваат понудата на квалитетни производи. И тоа е дел од нивната мисија. Но воедно, тие креираат и општествено одговорни политики кои се однесуваат на заштитата на животната средина и заштитата на здравјето на вработените, а секако и на зелената трансформација на државата.

Токму во оваа насока е и нивната инвестиција во фотоволтаици на површина од 10 хектари. Со ова тие покриваат 25% од потребите за струја на производствениот погон. Верувам дека ова е и едно од нивните најисплатливи вложувања, посебно во услови на енергетска криза и исто така и во иднина верувам дека ќе продолжат со вложување во нови извори на електрична енергија.

Свесен сум дека економската и енергетската криза направија невидени потреси на европскиот континент, но затоа донесовме навремени одлуки со кои се осигуравме дека ниту еден граѓанин или компанија нема да бидат оставени сами да се справуваат со кризата.

Со тој одговорен пристап како одговорна Влада изминатиов период успеавме да ги вратиме парите на граѓаните кога е тоа најмногу потребно. Пред сѐ обезбедивме два пакети антикризните мерки во вредност од над 760 милиони евра, а воедно и обезбедивме повисоки плати и пензии.

Со истиот пристап обезбедивме и ликвидност на компаниите со што ги заштитивме работните места, а и континуирано да обезбедуваме 80% субвенционирана цена на струја за домаќинствата, како и евтина струја за да има поевтини основни производи за храна, односно за фабриките и производствените погони кои произведуваат основни прехранбени производи. Со тоа го заштитуваме стандардот, но и за да може државата да функционира непречено.

Со истиот овој одговорен пристап но и со визија за иднината ние пристапуваме и кон енергетската трансформација на државата која ни е толку многу потребна особено во ова време на недостаток на енергенси.

Пред нас се големи стратешки енергетски проекти, како големата фотонапонска електрана во штипско, Стипион од 400 мегавати, која што се преговара во моментов со Владата и која што треба да биде модел на развој на агрикултура од реномираната француска компанија АКУО, како и изградбата на голема ветерна електрана Вирови, од реномираната германска компанија WPD. Исто така, очекувам до крајот на 2023 во системот да се вклучат до 300 мегавати сончеви електрани.

Воедно, законските измени за олеснување на процедурата за поставување фотоволтаици се веќе во сила, со што комплетно е поедноставена и олеснета процедурата, нема повеќе непотребна бирократија и постапката која претходно траеше и до еден месец, сега е сведена на само еден ден.

Со правилна поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелената енергија и да обезбедиме и енергетска ефикасност но и енергетска независност и да го снабдуваме регионот на крајот на денот со струја од обновливи извори.

Ова е иднината, и не е недостижна. Ние веќе ги преземаме првите чекори и уверен сум дека ќе ја оствариме нашата визија и ќе обезбедиме вложување во индустриите на иднината кои ќе ни донесат повеќе работни места, подобро платени работни места, ќе ни донесат подобра заедничка иднина за сите.

Посакувам уште многу успеси во развојот на компанијата ТабМак и во нивното освојување на нови пазари, што посебно ме прави горд и среќен, бидејќи квалитетните производи произведени во нашите фабрики, извезени во странство, се нашиот најдобар меѓународен промотор”, рече премиерот Ковачевски.

извор: Влада