Зеленски отпатува во САД, во Вашингтон зајакнати безбедносните мерки

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска отпатува за Вашингтон, каде што ќе се состане со американскиот претседател Џо Бајден и американските законодавци, потврди Белата куќа, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тоа ќе биде прва посета во странство на претседателот на Украина откако земјата беше нападната од Русија на 24 февруари.

„Претседателот Џо Бајден го покани украинскиот претседател Зеленски да го посети Вашингтон за да ја нагласи континуираната посветеност на Соединетите Американски Држави кон Украина“, рече портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Таа истакна дека за време на посетата Бајден ќе објави значаен нов пакет безбедносна помош, „за да ѝ помогне на Украина да се одбрани од руската агресија“.

Неименуван официјален претставник за американските медиуми објави дека пакетот помош од 2 милијарди долари ја вклучува и ракетната батерија „Патриот“, а станува збор за систем за кој Русија ги предупредуваше САД да не го испраќаат во Киев.

На прашањето за проценката на ризикот во врска со посетата на Зеленски на САД, официјалниот претставник рече дека се консултирале со украинскиот лидер, кој потврдил дека безбедносните барања се „исполнети“.

Патувањето во Вашингтон на Твитер го потврди и Зеленски, кој напиша дека патува во САД за да ја зајакне отпорноста и одбранбените способности на Украина.

Зеленски потврди дека ќе разговара со американскиот претседател за соработка и дека ќе се обрати пред американскиот Конгрес.

По повод посетата на украинскиот претседател во Вашингтон беа преземени опсежни безбедносни мерки.

Неколку американски медиуми вчера објавија за ненадејната посета на Зеленски на главниот град на САД, додека еден извор за АА изјави дека посетата ќе зависи од безбедносната ситуација.

Извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).