Зеленски пред американскиот Конгрес: „Украина е жива и удира“

Украинскиот претседател Владимир Зеленски, во рамките на посетата на Соединетите Американски Држави (САД) имаше обраќање пред американскиот Конгрес, во кое се заблагодари за обезбедувањето финансиска помош за неговата земја и истакна дека тие пари „не се милостина“, туку „инвестиција“, јавува Агенција Анадолија (АА).

Бајден по состанокот со Зеленски: „Никогаш нема да ја оставиме Украина сама“
„Вашите пари не се милостина. Тоа е инвестиција во глобалната безбедност и демократијата со кои менаџираме на најодговорен начин“, рече Зеленски на заедничката седница.

„Ви благодариме и за финансиските пакети што веќе ни ги доставивте и за оние за кои можеби допрва ќе одлучувате“, рече тој.

Претходно, претседателот Џо Бајден одржа заедничка прес-конференција со Зеленски во Белата куќа во текот на која објави пакет воена помош од 1,85 милијарди долари за Украина, и ракетниот одбранбен систем „Патриот“.

„Украина не падна“, истакна Зеленски за време на неговото обраќање пред Конгресот. „Украина е жива и удира.“

Тој истакна дека нивната битка не е само за „територија“, „слобода“ и „безбедност“ за Украинците, туку и за „секоја друга нација“.

„Светот е премногу меѓусебно поврзан и меѓусебно зависен за да дозволи некој да остане настрана и во исто време да се чувствува безбедно додека ваквата битка продолжува“, рече тој.

Потсетувајќи на неговата неочекувана посета на градот Бахмут во источниот регион Доњецк во вторникот, Зеленски рече дека руската војска и платеници го напаѓаат градот од мај.

„Тие го напаѓаа дење и ноќе, но Бахмут издржа“, рече тој.

Зеленски истакна дека Русија има „значителна предност“ во артилерија и муниција, „но нашите одбранбени сили стојат“.

Нагласувајќи уште еднаш дека неговата земја нема да се предаде, тој на американските законодавци им кажа дека нивната поддршка е „клучна не само да се стои во таква борба, туку да се дојде до пресвртната точка за победа на бојното поле“.

„Имаме артилерија. Да. Ви благодариме. Ние ја имаме. Дали е доволна? Искрено, не баш“, рече тој.

„Потребни се повеќе топови и гранати за Руската армија целосно да се повлече“, додаде Зеленски.

„Украина никогаш не побара американски војници да се борат на наша територија наместо нас. Ве уверувам дека украинските војници можат совршено сами да управуваат со американските тенкови и авиони“, нагласи тој.

Зеленски ги спомена и иранските беспилотни летала испратени во Русија, кои „станаа закана за нашата критична инфраструктура“.

Зеленски вчера за првпат ја напушти Украина од почетокот на војната со Русија пред 10 месеци за да се консултира со претседателот Џо Бајден и американските законодавци во Вашингтон.

Пред неговото обраќање во американскиот Конгрес, тој се сретна со Бајден во Белата куќа, каде што одржаа заедничка прес-конференција.

По неговиот говор во Конгресот, Зеленски на американските законодавци им подари украинско знаме.

Извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).