Сопственикот на „Фристајлер“ еден час пред несреќата знаел дека сплавот почнал да се полни со вода

Сопственикот на белградскиот сплав „Фристајлер“, кој потона за време на дочекот на новогодишната ноќ неколку минути по полноќ, еден час пред инцидентот бил известен дека во објектот влегува вода, а при евакуацијата дошло и до тепачка во која учествувало обезбедувањето.

Ова го објави репортерот на ТВ Прва пред сплавот. Сепак, таа не го прецизираше изворот на оваа информација, пренесува „Блиц.рс“. Инаку, сплавот „Фристајлер“ не само што се помести наназад и уште повеќе се навали, туку го извлече и бетонскиот столб на кој беше прикачен, а ѓубрето веќе трет ден се протега покрај брегот.

Да потсетиме, сопственикот, директорот и управителот на сплавот „Фристајлер“ синоќа беа уапсени како сторители на овој инцидент кој само од чиста среќа не заврши фатално. На нив им е одреден притвор до 48 часа, по што заедно со кривична пријава ќе бидат изведени во Третото основно јавно обвинителство во Белград и ќе бидат сослушани во среда, на 4 јануари.

Репортерите на Телевизија Прва ја пренесоа и информацијата дека сопственикот бил известен уште еден час пред инцидентот дека водата почнала да навлегува во сплавот, како и дека обезбедувањето „тепало неколку луѓе кои сакале да си ги земат работите“.

фото: Архива