Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, во вчерашното гостување во емисијата Став на ТВ Плус информираше дека Општина Куманово работи домаќински и има над 200 милиони денари сопствени средства.
„Денеска, Општина Куманово има над 200 милиони денари сопствени средства. Морам да кажам дека домаќински се работи и ќе продолжиме така, бидејќи ако вие ја чувствувате општината за своја и ја менаџирате како сопствен правен субјект како што менаџирате дома, тргнувајќи во едно домаќинство кога ќе влезете во куќата, првенствено гледате дали ви е нешто валкано, а се обидувате да го исчистите. Ако го гледате домашниот буџет, кога ги гледате сметките, првично да ги платите сите сметки за струја, вода, телефон и сите останати јавни давачки, па тоа што ќе ви остане од буџетот да го поделите на неделни рати за да го трошите семејниот буџет. Исто така се работи и во општина Куманово“, рече Димитриевски.
Во емисијата тој потенцираше дека изминатава година имплементирани се повеќе од 180 проекти од капитални, инфраструктурни проекти и ваквиот интензитет на работа ќе продолжи и во следната 2023 година.
„Среќни сме што сме една од ретките општини што успеавме да купиме наша опрема за зимско одржување, три камиони комплетно опремени, дополнително три машини кои ќе бидат вклучени во сегментот на зимско одржување, дел од машините беа дадени на ЈП Чистита и зеленило, дел од машините се дадени на ЈП Водовод Куманово, а третиот дел е даден на Куманово паркинг и четвртиот дел е даден на ЈП Куманово Гас. Не може да вршите јавна дејност доколку не сте технички опремени за такво нешто. Со употреба на овие машини општината ќе заштеди средства и со тие средства што ќе бидат заштедени ќе се врати долгорочниот кредит којшто е некаде околу милион евра“, рече Димитриевски.
фото: Архива