Разрешениот директор на МКЦ обвинува за притисоци од Град Скопје за вработување на Бени Шаќири

0
173

Финансиски инспекции, ревизии и намален буџет се дел од притисоците на кои се жалат вработените во Младинскиот Културен Центар. Разрешениот вд директор на МКЦ Ванчо Богоев јавно посочи дека од Град Скопје му било вршено притисок да потпише вработување на Бени Шаќири, па откако не потпишал на неговoто столче утре ќе седне дипломиран детектив со неколку дена работно искуство во МКЦ. Ни Шаќири ни град Скопје не одговорија на ваквите обвинувањ на Богоев.

Дипломиран детектив со два дена работно искуство во Младинскиот културен центар од утре па во наредните два месеци ќе биде новиот привремен директор на оваа скопска институција, откако претходниот директор Ванчо Богоев, како што вели самиот, не потклекнал на притисокот од генералниот секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени.
Богоев кој 36 години е дел од институцијата и една година како е назначен за в.д директор денеска е разрешен од функцијата со официјално кратко образложение дека му истекол мандатот од 6 месеци. Тој за Радио Слободна Европа вели дека три часа против својата волја ги поминал во канцеларијата на генералниот секретар на град Скопје Зоран Глигоров каде му биле вршени директни закани и уцени за да потпише вработување на Бени Шаќири преку Агенција за привремени вработувања.

„ Јас на неколку пати сакав да заминам од тој состанок, и бев спречен во обидите во смисла – Не може да си одиш додека не го договориме ова. Заканата меѓу редови, па и во лице, значи дека нема да сум веќе в.д директор затоа што не сум ги исполнил нивните очекувања да го потпишам тоа вработување,“ вели Богоев.

Тој објаснува дека разговорот кој што го воделе во просториите на Град Скопје за него бил многу мачен.

„Тоа беа обиди на секретарот по секоја цена да ме убеди да потпишам, долг беше преку три часа, убедувања вербални закани од секаков вид кои не би ги коментирал, не е долично да го коментирам тој речник. Се чудам како и самиот успеав да не изреагирам, бидејќи во одредени моменти бев револтиран, осетив и еден психички притисок, побарав и вода да се напијам за да се смирам, не очекував таков настан од неговата страна. Но, бев решен дека такво нешто не можам да потпишам“, изјави Богоев.

Шаќири до објавувањето на овој текст е одговори на нашите повици и прашања на вибер за коментар на ваквите обвинувања, како и на тоа зошто толку години неговото име се спомнува во политичка конотација за избор на директорската позиција во МКЦ. Одговори нема нити од Град Скопје на поставените прашања поврзани со овие обвинувања.

Богоев состанокот во Град Скопје од понудените две вработувања, прифатил едно, а тоа е за дипломираниот детектив Никола Алексов, кој по само два работни дена поминати во МКЦ е назначен за в.д, директор од страна на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска. Неговиот договор за привремено вработување истекува за два месеца и неколку дена од вработувањето.

 

Радио Слободна Европа