Борко Ристовски за Спорт1: Без капетан на бродот – толку е!

0
198

Миленикот на ракометната публика, Борко Ристовски, е колумнист на Спорт1 за време на Светското првенство (СП) во Полска и Шведска. Пред и по натпреварите ги изнесува своите впечатоци и ставови, пофалби и критики за нашите ракометари во желба да им понудиме еден поинаков агол на нашите читатели.

Првпат ми се случува да не знам што да кажам, да немам некоја посебна инспирација за анализа, за колумна. Тоа е благодарение на сето она што се случува на Светското првенство во Полска. И тука не мислам само на резултатите, туку и на сите оние работи кои јас како спортист ги гледам, а можеби јавноста не ги гледа затоа што едноставно тоа не е во нејзината зона на интерес.

Тунис… еден ваков Тунис кој во последните години не бил послаб ниту на тактичко-технички план ниту квалитативно, да не успееме да го добиеме, може да се рамни со катастрофа и да биде само уште еден продолжеток на „слободниот пад“ што го има „пријателот“. Единствено жал ми е за оние деца што се доведени во таа ситуација и што без разлика на сѐ, синоќа покажаа карактер и желба за победа.

Без капетан на брод, а во спортот тоа е селекторот, се разбира дека не можете многу. Без „наредби“ како да играте, каде да нападнете, како да се браните… кога да успорите, а кога да убрзате, логично е дека правецот на бродот ќе биде кон дното, ако веќе и не сме стигнати до таму. А „капетанот“ изгледаше како сите „бродови“ да му потонале. Не е тоа оној Лазаров кој го знаеме… сигурен од, стабилен поглед, во секоја секунда знаеше што прави на теренот, капитен и лидер. Еден од најдобрите во историјата на ракометот! Тоа време заврши. Сегашниот „капетан“ е некако блед, без јасен говор на телото дека ја контролира ситуацијата, со изгубен поглед. Одвреме-навреме ќе се развика на некој, но јасно е дека тоа е повеќе од немоќ. Жално, многу жално македонска легендо. Не велат за џабе дека не секој врвен играч може да биде и добар тренер, веројатно ние самите почувствувавме на своја кожа најдобро.

Некако сето ова што го пишав ми дава чувство и се поврзувам со онаа поговорка „не кревај рака на мртов Германец“, но во спортот СЕКОГАШ мора да сте искрени и чесни за да не се случуваат вакви спортски и резултатски неуспеси.

Ќе има обид, сигурен сум дека ќе биде неуспешен, целиот неуспех да им се препише на играчите, во случајов постарите. И тоа ќе биде најголемата грешка затоа што тоа се играчите кои треба да нѐ водат… а верувајте дека можат многу подобро, СИГУРЕН СУМ. Само да имате „капетан“ кој наместо да чита навечер во соба кој што изјавил и да нема буквално никаков однос со 90 проценти од играчите – да биде човек кој ќе биде пријател, ќе разговара, ќе се договара, ќе нема его и комплекси и нормално, ќе има квалитет да води!

Затоа Македонијо… не очајувај. Можеме многу подобро! А дотогаш да им помогнеме на играчите да соберат сили да го завршат ова Светско првенство со победи затоа што имаат квалитет за тоа.

Секогаш искрен и во интерес на ракометот и спортот!

Извор: Спорт1